Гозенс од Аталанта се пожали дека Роналдо не му дал дрес, па соиграчи му купија

Како ретко кој, Германецот Госенс искрено се отвори за еден момент од теренот на меч против Јувентус во Копа Италија. Јавноста се заинтересира, а соиграчите му дадоа убаво спакуван поклон.

Германскиот фудбалски репрезентативец Робин Гозенс кој се прослави во Аталанта, неодамна изјави дека многу го погодил ладниот однос на Кристијано Роналдо.

Гозенс има 26 години, игра лев бек и лево крило за Аталанта, а пред неколку дена даде интересна изјава.

„После мечот со Јувентус пробав да ја остварам мојата голема желба - да добијам дрес од Роналдо. После судиската свирка за крај му пријдов, дури не ни славев со соиграчите. Го прашав: „Кристијано, може ли да ги смениме дресовите?“ Тој не ме ни погледна и само рече: „Не“.

Се посрамив, поцрвенев. Си отидов, почувствував мал. Го знаете оној момент кога ќе се случи нешто срамно и гледаш на страна да не приметил некој? Е така се почуствував, пробав да го сокријам тоа“, раскажал Гозенс за одбивниот однос на Роналдо.

Станува збор за момент по мечот во Купот на Италија во 2019-та кога Аталанта со 3:0 го прегази Јувентус а Кристијано, познат по тоа што не сака никогаш да губи, бил лут и револтиран.

Но ситуацијата на Гозенс му ја исправиле барем малку другарите од Аталанта Ремо Фројлер и Ханс Хатебур кои му поклониле дрес од Роналдо.