Мундијалот во Бразил е петтиот во историјата кој се игра со 32 селекции, а во досегашниот тек на првенството ефикасноста е на многу високо ниво со 2.93 погодоци во просек по натпревар.
Првото Светско кое се одржа со толкав број на земји беше она во 1998 кое заврши со 171 гол или просечно по 2.67 голови на меч. Со ова голгетерско темпо во Бразил, рекордот од Франција може многу лесно да биде срушен.
Приматот од воведниот Мундијал па до сега го држи СП Швајцарија 1954 кога Западна Германија го подигна „Златниот пехар“. На тоа првенство се натпреварувале 16 земји кои на 26 средби постигнале 140 голови или во просек по 5.38 по натпревар.
Најмалку се треселе мрежите во земјата на Катеначото каде во 1990 се натпреваруваа 24 учесници. На 52 меча паднаа 115 голови или во просек по 2.21 по натпревар.
На досегашните три некомплетирани кола во Бразил најефикасна селекција е Холандија која до 9 бода стигна со 10 постигнати голови, втора е Колумбија со 9, а пред одигрувањето на третото коло Французите веќе имаа доста солидна бројка од 8 постигнати голови.
Голгетерите околу кои се крена најголемата прашина во досегашните 12 дена се Нејмар и Клосе. Бразилскиот напаѓач за сега е најпрецизен со 4 голови, а ветеранот од Германија стигна до посакуваниот 15 погодок на сите Светските првенства и се израмни со Роналдо.
Најмногу голови се изнагледавме на дуелот помеѓу Швајцарија и Франција кој заврши 2:5. Потоа на дебаклот на бранителот на титулата кој се посрамоти од „Лалињата“ со 5:1, како и историската победа на Алжир над Јужна Кореја од 4.2, која стана првата африканска земја со четири голови на едно Светско.