Се остварија големите промени во ЛШ од 2018/2019

Препознатливиот термин за ЛШ од 20:45 оди во историјата и ќе биде заменет со два термини, што значи дека ќе имаме можност да гледаме повеќе фудбал. Убавини. Новите правила им одат во прилог на Италијанците кои повторно ќе имаат 4 претставници во елитата.

Тоа што беше најавено, сега УЕФА на чело со новиот претседател Александар Чеферин и официјално го потврди. На состанокот во Нион, извршниот комитет на Европската куќа на фудбалот донесе нови правила во Лигата на шампиони кои стапуваат во сила од сезоната 2018/2019.
 
Првите четири земји според бодовното рангирање ќе имаат по четири претставници во Лигата на шампиони и тоа директно без квалификации. Тоа значи дека екипите со амбиции за излез во Европа во топ 4 лигите ќе водат поголема битка во првенството знаејќи дека четвртата позиција на табела им нови директен пласман, а не квалификации за ЛШ.
 
Новитет е враќањето на четвртото место на табела на четвртата земја според бодовите кое води во ЛШ, а во моментов тоа е Италија. Другите се веќе познати: Англија, Шпанија и Германија. Франција и Русија ќе имаат по 2 места, а Португалија, Украина, Белгија и Турција по едно.
 
Олеснување пак за “малите земји“ каде е и Македонија е патот на шампионот до Лига Европа. Ако биде елиминиран во квалификации за ЛШ, ќе добие можност да стигне до Лига Европа преку соочувањето со прваците кои се од ист ранг.
 
УЕФА воведе и два нови термини во Лига на шампиони, а тоа се 19 и 21 часот, со цел навивачите да можат да гледаат повеќе фудбал.
 
Словенецот кој го замени Мишел Платини на кормилото на УЕФА само ги потврди најавите за реформите во фудбалот.
10 декември 2016 - 18:58