Екипата на Днипро синоќа имаше водство од 1:0 на „Џузепе Меаца“, а Конопљанка во 28 минута не успеа да зголеми од пенал. Последниот фудбалер кој го совлада Хандановиќ, беше Вејн Руни на пријателски дуел одигран во јули.
Хандановиќ од 2004 до 2012 година беше член на Удинезе, а во сезоната 2010/2011 на мечот против Лацио, му фати пенал на Мауро Зарате и со шест одбранети удари од 11 метри израмни стар рекорд во италијанското првенство од 1948/1949.
Во јули 2006-та бранеше како позајмен голман на Римини и благодарение на неговите одбрани, овој мал клуб успеа да остане непоразен од Јувентус во двата дуела. Римини сезоната ја заврши на 5-то место во Серија Б и беше четврти клуб со најмалку примени голови, а Словенецот беше прогласен за најдобар голман во сезоната по Буфон.
Со иста професија се бави и неговиот шест години постар братучед Јасмин Хандановиќ кој исто така бранеше во Италија, а по искуствата во Емполи и Мантова, од 2011 година му е колега на Ибраими во Марибор.
Рекордер по број на одбранети пенали во Серија А е Џанлука Паљука со 24, Хандановиќ е втор со 20, а Лука Маркеџани има фатено 18. Словенецот ги сопре ударите на:
Џовинко (Емполи), Кака (Милан), Макароне (Сиена), Бринеца (Реџина), Касано (Сампдорија), Никола Аморузо (Парма), Ето (Интер), Барето (Бари), Ди Микеле (Лече), Хамшик (Наполи), Кавани (Наполи), Зарате (Лацио), Кавани (Наполи), Треу (Киево), Пандев (Наполи), Макси Лопез (Сампдорија), Касано (Парма), Ларондо (Торино), Косу (Каљари), Тони (Верона).
Мудрецот од белата точка, Марио Балотели кој не погреши 21 пенал по ред ја објасни како го прави тоа.
„Тоа е игра на умови помеѓу мене и голманот. Јас во тој момент знам многу добро да го контролирам умот. Ако голманот се помрдне пред мене, тоа значи дека таа борба на умови ќе ја загуби", изјави Балотели.
Но Хандановиќ не ја открива тајната на бранење пенали и по вчерашниот меч изјави дека тоа му е работа и за тоа зема плата.