Квалификациите не се добиваат против Шпанија или Германија, туку против Луксембург, Белорусија или Лихтенштајн. Тоа му е јасно и на селекторот Бошко Ѓуровски кој после поразот со Белорусија изјави дека сепак ова е најдоброто што фудбалска Македонија го има.
„Натпреварите со Луксембург и со Белорусија се најтешки во овие квалификации. Со другите, посилни репрезентации, нашите фудбалери се многу помотивирани. Добро го отворивме натпреварот, поведовме и 30 минути игравме подобро од противникот, но на крајот пресуди неискуството. Белорусите заслужено победија и им честитам на тоа“, го почна пресот Ѓуровски.
По добриот старт и водството од 1-0, нашите фудбалери паднаа и на физички и на психички план, како и на претходните натпревари во тековниот циклус.
“Повредата на Артим Положани многу ја поремети нашата игра. Во првите 20 минути тој спречи многу напади на Белорусите и него, на Пачовски и на Буба Хасани им честитав на добрата игра. Останатите не заслужуваат преодна оцена“, додаде Бошко Ѓуровски
Како понатаму?
„Не се сложувам дека квалификациите се завршени. Зошто да не ја победиме Белорусија на гости, Луксембург на гости и со нови бодови да се вратиме во игра“, оптимистички беше расположен Ѓуровски.
Сметате ли дека оваа репрезентација има капацитет да победи некој до крајот на квалификациите и да го избегне последното место?
„Имате право кога велите дека играчите не го пружија максимумот. Натпреварот беше психолошки тежок и мислам дека не одговоривме на предизвикот на прав начин. Во моментов не можам да кажам дека ќе се ориентираме кон други играчи, затоа што ова е најдоброто што Македонија го има. Како селектор земам одреден ризик и верувам во нив. Ни треба повеќе време да се уиграме“, констатираше Ѓуровски.
Следниот натпревар нашите фудбалери го играат против Словачка на гости во Братислава, на 14. јуни.