Германски четвртолигаш пишува преубава бајка, стигнаа до полуфинале на Куп

Фудбалерите на четвртолигашот Сарбрикен ја творат најубавата сторија сезонава во германскиот фудбал, откако исфрлија уште еден сериозен бундеслигаш и се пласираа во полуфиналето на Купот после 20 изведени пенали!

Германскиот четвртолигаш Сарбрикен ја елиминираше Фортуна Дизелдорф со 7:6 на пенали откако по регуларните 90 минути и после вкупни 120 минути со се продолженија беше 1:1.

Јунак на победата беше голманот на Сарбрикен, Даниел Бац кој фати дури 5 пенали од кои 4 во пенал рулетот на крај.

Интересно, ова ќе биде првпат во историјата на Купот на Германија еден четвртолигаш да игра во полуфиналето. Првите три ранга во Германија се водат како професионални, така што сите подолу се полу-аматерски или аматерски лиги.

Од таа причина не чуди лудото славје после решавачкиот одбранет пенал на голманот Бац. Играчите, навивачите и тренерите славеа како да освоиле Лига на шампиони. И со право. Со право ако се знае дека ултра богати клубови како Борусија Менхенгладбах, Херта, Лајпциг, Волфсбург, Вердер Бремен, Хофенхајм многу порано го завршија својот пат во Купот.

САРБРИКЕН Е НАЈУБАВА ПРИКАЗНА ВО ГЕРМАНСКИОТ ФУДБАЛ СЕЗОНАВА

Овој четвртолигаш пред пар месеци исто на пенали му ги спакува куферите на Карлсруе, а ги исфрли уште и Регензбург со гол во 93’ минута и Келн со погодок во 90’ минута. Вредноста на Сарбрикен според реномираниот Transfermarkt.de изнесува 3.700.000 евра што е само дел од големиот буџет на Фортуна Дизелдорф.

Што се однесува до мечт синоќа, домашните сензационално поведоа уште во 31’ минута кога Тобијас Јаничке по врвен продор на Фросе, ја шокираше Фортуна:

Гостите по примениот гол запнаа со сите сили, па убава можност за израмнување добија дури во 83’ минута. Судијата досуди пенал, а топката ја намести Ровен Хенингс. Ама пред него стоеше јунакот на приказнава, Даниел Бац кој се испружи колку што е долг и го одбрани шутот. Повеќе од 6.000 луѓе здивеа од среќа на стадиончето „Херман Нојбергер“:

Но Фортуна Дизелдорф не би била бундеслигаш така залудно. Тргнаа на се или ништо и тоа им се исплатеше буквално во последната минута од регуларниот дел. На еден корнер сите се „накрцаа“ во шеснаесетникот на Сарбрикен, таму беше и голманот на гостите, а гужвата ја искористи Матијас Јоргенсен кој израмни со глава на 1-1:

Следуваа продолженија и кога таму немаше гол, се отиде на пенали.

А таму јунакот Бац одбрани 4 пенали од кои 3 удари кои можеа да бидат решавачки за победа на Фортуна Дизелдорф. Последниот му го одбрани на Јоргенсен, човекот кој неколку минути претходно даде гол за продолженија:

Цела фудбалска Германија искрено се израдува на овој триумф на малиот клуб против богатиот бундеслигаш.

Херојот Даниел Бац има 29 години. Тој почнал да тренира фудбал во школата на Нирнберг и сонувал да брани во Бундеслигата, но до неа стигнал само еднаш и тоа на голот на Фрајбург во 2012. година. После играл во германското фудбалско подзејме (Елверсберг), а од 2017-та брани за Сарбрикен во четвртата германска фудбалска лига.

Волку многу изведени пенали во Купот на Германија сè уште немало. Лудата серија се изведуваше пред трибината за која карти од 10 евра препродавале дури до 1.200 евра! А кој купил не зажалил.

„Да не ме болеа палциве вака, ќе помислев дека ова е сон. Мислам, можете комотно да напишете дека ова е најголемиот меч во мојот живот. Просто успеав се да одбијам. Оставивме срце на терен, се боревме 120 минути“, рекол голманот Даниел Бац.

Интересно и кога го елиминираа Карлсруе на пенали (5:3), Бац тогаш одбранил еден шут и после мечот изјавил дека не сакал да се нервира на пенали и затоа е подобро сè за да заврши порано.

После епскиот успех, играчите биле на вечера во центарот на Сарбрикен (западна Германија, град со 175.000 жители).

Со помош на голманот Бац, клубот Сарбрикен пишува историја. Станаа првиот клуб од регионална лига кој успеал да стигне до полуфинале на Куп. Сарбрикен три пати стигнувал до оваа фаза (1955/56, 1956/57, 1984/85) но како претставник на некоја погорна лига, а не четврта аматерска.

ИНТЕРЕСНА СТОРИЈА, СИМПАТИЧЕН КЛУБ

Сарбрикен има баш занимлива историја. Сарбрикен последен пат бил во елитната Бундеслига во 1992 година.

После Втората светска војна, реонот Саар (со Сарбрикен како главен град) паднал под француско влијание и овој клуб играл во втората француска лига. Таму бил најдобар, но резултатите биле протоколарни зошто властите не сакале да слушнат овој клуб да се пласира ранг погоре.

Во ’50-те години на минатиот век Сарбрикен се вратил во германскиот систем, иако до 1957-ма година реонот Саар останал под протекција на Франција.

Во 1952 година Сар дури и одделно од Германија учествувал на Олимписките Игри во Хелсинки, а после се појавил дури и на Светското првенство 1954 во Швајцарија. Под Франција биле до 1956-та година после што се присоединиле со Федеративна република Германија.

Властите во источна Германија формирале свој Национален олимписки комитет во 1951 година, но МОК официјално го признал дури во 1965-та. Затоа на Олимпијадите во Мелбурн, Рим и Токио Германија ја претставувала Обединета германска репрезентација.

Сарбрикен верувале или не дури и играл во првата сезона од Лига на шампиони 1955/56. Испаднале уште во првата рунда, но дуелот против силниот Милан со легендите Нилс Лидхолм и Гунар Нордал бил натпревар на годината. Сарбрикен првиот меч го победил 4:3 но изгубил во реваншот 4:1.

Во моментов во својата дивизија, Сарбрикен самоуверено е лидер со 6 бода предност над вториот, а сега го чека и полуфинале на Куп каде се уште и Баерн Минхен кој едвај со 0:1 го победи Шалке, а денес играат Баер Леверкузен - Унион Берлин и Ајнтрахт Франкфур - Вердер Бремен.

Во Сарбрикен се надеваат дека би можел да им падне гигантот и славниот Баерн Минхен.  

Интересно, навивачите на Сарбрикен извадија пароли во однос на навивачите на Баерн Минхен кои минатиот викенд направија 2 прекини на мечот со Хофенхајм откако го навредија претседателот на овој клуб преку пароли.

Од Сарбрикен ги потсетија дека се лицемерни затоа што нивниот Баерн Минхен во 2018 година склучил 5-годишен договор за соработка со Qatar Airways и веќе неколку години одат на летни припреми во Доха. Ги потсетија дека при изградбата на објектите за Светското првенство 2022 година, секоја недела гинат многу работници кои работат во мизерни услови.

Ќе биде интересно да се гледа Сарбрикен во полуфиналето.