Италија - Шпанија во големото финале на Европското првенство во Полска и Украина. И покрај тоа што Германците беа најголеми фаворити за освојување на титулата, Италија ја продолжи традицијата и повторно ја елиминираше Германија. Овој пат кошмар за Германците ќе биде Марио Балотели кој го реши натпреварот со два гола во првото полувреме.
Германија беше поактивна на стартот, а првото големо возбудување се случи уште во петтата минута кога по невнимание на одбраната на италија, дефанзивецот Матс Хумелс биеше кон голот, Буфон беше совладан, но Пирло ја спречи топката да ја затресе мрежата.
По 15-тина минути игра Италија се ослободи од почетниот притисок на Германците. Прво се закани Монтоливо, во следниот напад биеше и Касано, а по 20 минути игра веќе се затресе и мрежата на Германија. Касано се ослободи од своите чувари по левата страна и одлично нафрли пред голот на Германија каде Балотели со удар со глава го матираше Ноер.
На десет минути до крајот на полувремето Германија по втор пат беше на колена и повторно Балотели. Монтоливо испрати одлична топка напред кон Супер Марио, а тој ја искористи лошата реакција на германската одбрана, ја прими топката и ја скина мрежата од голот на Ноер со прекрасен проектил од работ на шестнаесетникот.
Германија замина на паузата помеѓу двете полувремиња со негатива од два гола, а тоа беше знак дека Лев треба нешто да менува. Тој се реши во соблекувалната да ги остави Гомез и Подолски, а на нивно место влегоа Клосе и Ројс.
Во второто полувреме Германија беше поофанзивна и константно вршеше притисок кон противничкиот гол, но Италијанците успешно ги спречуваа нивните напади.
Нововлезениот Марко Ројс со прекрасен шут од слободен удар имаше шанса да намали во 62-та минута, но Буфон успеа да и го смени правецот на топката која удри во пречката и заврши над голот.
Германците ја имаа топката во своите нозе, но Италија се уште беше опасна. Маркизио во 75-та минута имаше шанса да ја запечати судбината на противникот кога се најде сам пред Ноер, но биеше крај стативата.
Огромна шанса да стави точка на натпреварот имаше и Ди Натале кога изби сам пред Ноер во 82-та минута, но предолго чекаше и очајно шутираше крај голот.
Во втората минута од судиското продолжение Балѕарети играше со рака во шестнаесетникот и францускиот судија оправдано досуди пенал. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Месут Озил, но тоа беше се што можеше да стори Германија.