Борбата на Пол Гаскоњ со алкохолот се чини е неуспешна. По 18 месечното апстинирање кое се обиде да го компензира со готвење, вежбање фитнес и играње мал фудбал, поранешниот фудбалер кој кариерата ја заврши во 2004 година, повторно му се врати на неговиот добро познат порок.
Популарниот Газа кој бил поканет во Нортемптон на хуманитарен настан за борба против ракот, се посрамотил пред околу 500 гости кои платиле по 100 фунти за да го видат. Откако се качил на бината Гаскоњ бил вознемирен, се тресел, па дури и заплакал, а потоа им се извинил на присутните затоа што три дена по ред не ја симнал чашката.
Еден од присутните гости кој сакал да се слика со својот идол, на англиските медиуми им разкажал дека бил вчудоневиден од сликата која ја видел и мислел дека во секој момент Гаскоњ може да умре пред неговите очи.
По срамната ноќ легендарниот фудбалер си заминал заедно со својот агент, а наредниот ден му рекол дека не се сеќава на ништо. Според зборовите на агентот, Гаскоњ не се чуствувал добро и не сакал да присуствува на настанот, но истовремено не сакал да ги разочара и фановите кои дошле во негова чест.
Пред три месеци Гаскоњ присуствуваше на стадионот Олимпико во Рим каде го следеше дуелот на неговите поранешни клубови Лацио и Тотенхем, а домашните навивачи му приредија величестевен пречек со многу овации.