Богатите Арапи кои со својата огромна финансиска моќ навлегоа во европските национални првенства, купувајќи големи тимови како Манчестер Сити и ПСЖ, не штедат воопшто пари ниту за своите земји.
Таков е случајот со репрезентацијата на Обединетите Арапски Емирати која минатата недела го освои 21 издание на Гулф Купот на Нации, во кој учествуваа осум земји од блискиот исток. Фудбалерите кои ја добија огромната сума на пари од 37 милиони долари, како награда за подигнатиот пехар се офајдија од сите моќни Арапи "по малку".
Шеикот Калифа им даде на фудбалерите 13,6 милиони долари, а потоа следеше донација од 5 милиони долари од Шеиците Рашид и Саед, синови на Министерот за Финансии на ОАЕ, Хамдан бин Рашид. Очигледното богатство на овие луѓе го потврдува фактот што играчите посебно беа наградени од сопругата на потретседателот на Дубаи Мохамед бин Рашид со 6,8 милиони долари, додека самиот Мохамед победничниот состав ги почастил со уште 13,6 милиони долари.
„Имаме одлична поддршка од властите кои од секогаш го нарадувале тимот. Ова ќе биде уште поголема одговорност за фудбалерите за да го даваат својот максимум на следните натпреварувања", изјави генералниот секретар на Фудбалската федерација на Емиратите, Јусуф Абдулах.
Тој смета дека овој млад репрезентативен состав се движи во одлична насока, и ќе има можност да прикаже одлични игри на квалификациите за Светското првенство во 2018 година.
Интересно е што во милионското частење сакале да се придружат уште неколку бизнисмени и компании, а фудбалерот на Ал Ахил, Ахмед Калил кој го постигнал победничкиот гол во полуфиналниот меч против Кувајт бил награден со автомобил Ранџ Ровер.
Интересот за ова континентално натпреварување го потврдува фактот што околу 4 илјади навивачи немале можност да влезат на финалниот натпревар, затоа што стадион бил исполнет до последното место. Некои од нив успеале да влезат на сила, откако судијата го означил стартот на мечот.