Рафаел Переира да Силва кој е три кратен шампион во Премиер лигата со Манчестер Јунајтед под водство на Фергусон, им држи лекции на своите колеги за тоа како може да се направи добро дело со нивните плати кои и онака ги добиваат како за 10 луксузни животи.
Минатиот месец тој се обрати во својот актуелен клуб Лион да му ја стопираат платата се додека е повреден. Барањето не му беше прифатено со образложение дека тоа е незаконски, но Рафаел најде алтернатива.
Тој реши да ги донира тие примања за роботи кои ќе им овозможат на хоспитализирани деца да комуницираат со играчите, а тоа се случува на терен или во соблекувална.
„Сакам да играм и сакам да ме плаќаат за тоа, но јас не играв и среќен сум што го направив тоа за децата. Исто така тоа беше добро и за мене. Ми помогна“, изјави бразилскиот бек за L’Equipe.
Ваква сторија за фудбалер кој на ваков начин размислува за неговата плата можеби и прв пат пишуваме, а во принцип тоа и не треба да претставува проблем за нив бидејќи фудбалот стигна до ниво во кое кое играчите заработуваат по 1.000, 5.000, па и 10.000 евра на ден.
Рафаел пристигна во Манчестер Јунајтед од екипата на Флуминенсе во 2008 година заедно со брат му Фабио и освои вкупно 9 трофеи, а минатото лето направи трансфер во Лион откако не успеа да се вклопи во шемата на Луј ван Гал.
26 годишниот дефанзивец кој играше по десна страна имаше вкупно 27 повреди во Манчестер кои сериозно му влијаеа во напредокот и за седум сезони настапи на 109 меча во Премиер лигата.
Сега во Лион е првотимец, но кога пристигна беше повреден, отсуствуваше на 12 меча и поради тоа имаше грижа на совест.
За разлика од разните примери на фудбалери кои одлепија со пиење и дроги откако направија милиони за неколку години играње фудбал, Рафаел очигледно е скромен момак кој по толку време играње во еден од најпопуларните клубови во светот, го рече следново:
„Не знаев дека сум бил толку популарен додека не заминав. Никогаш не сум добил толку писма и пораки“
Неговата замисла со парите кои сметал дека не треба да ги зема додека бил повреден се оствари успешно. Тие завршија во OL Foundation која ги усреќи 11 годишниот Ентони и 16 годишната Мари.