И покрај тоа што македонската фудбалска репрезентација не бележи задоволителни резултати после историскиот пласман на ЕП 2020, ФФМ одлучи да му го продолжи договорот на Боби Милевски.
Од македонската куќа на фудбалот информираат дека тој останува на селекторската функција до крајот на квалификациски циклус за СП 2026, под истите услови како и досега.
„Фудбалската федерација на Македонија, како и досега, ќе биде полна поддршка за селекторот Благоја Милевски и репрезентацијата. Се радуваме на новите предизвици и успеси. Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал.
Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат. Во тимот се чувствува енергија и амбиција за нови големи резултати и уверени сме дека тоа е неверојатен мотив за работата во иднина“, стои во ставот на Управниот одбор на ФФМ.
Милевски стана селектор на 1 август 2021 година, веднаш по завршување на Европското првенство, наследувајќи го Игор Ангеловски.
Одработи три квалификациски циклуси, но не успеа да го повтори успехот на Мрме и да ја однесе Македонија на големо натпреварување.
Во квалификациите за СП 2022 стигна до баражот, а потоа следуваа двата неуспешни обиди за пласман на ЕП 2024. Најпрво преку Лигата на нации, а потоа и преку редовните квалификации.