Ако некој во моментов гази убедливо без грешка од стартот на сезоната, тоа е Феенорд, единствената екипа која во конкуренција на топ 8-те национални лиги во Европа (Англија, Германија, Италија, Шпанија, Франција, Холандија, Португалија и Русија) има освоено максимален број на бодови.
По 8 одиграни кола во холандско, Феенорд има 8 победи и 24 освоени бода. Последната им е на гости против Виљем два кој го совладаа со 0:2. Нападот им е убедлив, имаат 23 гола или скоро по 3 на натпревар и поефикасни се од Барселона, Монако и Зенит кои имаат постигнато по 22.
Одбрана посигурна не може да биде, само 2 примени гола, исто колку Баерн Минхен и Атлетико Мадрид кои имаат одиграно по еден меч помалку и подобри од Тотенхем (3) и Јувентус, Бенфика, Порто и ПСВ (4).
Единствениот пораз на Феенорд им е во Лига Европа од Фенербахче, но и таму имаат со што да се фалат, го совладаа Манчестер Јунајтед на Мурињо.
Со досегашните резултати на Феенорд, најмногу треба да стравуваат Ајакс и ПСВ. Првите имаат 5 бода помалку, а вториве 7. Ако Феенорд продолжи во ист ритам, тогаш ќе им ја прекине доминацијата во првенството.
Ајакс и ПСВ ги освојуваа последните шест сезони во Холандија, а Феенорд последен пат се радуваше во сезоната 1998/1999 и покрај тоа што ПСВ таа сезона го имаше најдобриот стрелец, Руд ван Нистелрој со 31 гол.
Напаѓач во Феенорд таа сезона беше Хулио Рикардо Круз кој потоа играше за Болоња, Интер и Лацио. Во моментов прв стрелец им е Николај Јоргенсен, 91-во годиште, со 6 гола кој дојде летово од Копенхаген.
Тренер на екипата е славниот играч на Арсенал и Барселона, Џовани ван Бронкорст кој ги води од лани. Ова му е прво искуство како тренер, претходно 4 години беше асистент тренер на Феенорд, клубот каде ја почна и ја заврши играчката кариера. Игра со формација 4-2-3-1, а капитен му е искусниот Дирк Кајт.