Денес нашите младинци беа убедливо поразени од репрезентацијата на Србија, но вистинските фудбалски фанови сигурно не се разочарани затоа што по подолго време во една младинска репрезентација видовмe генерација што ветува подобра фудбалска иднина.
Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година забележа одлични резултати во текот на целиот квалификациски циклус и на пријателските натпревари, постигна гол на секој од натпреварите и ги одржа шансите за пласман на Европското првенство се до последното коло, за разлика од другите генерации кои своите квалификации ги завршуваат уште по неколку стартни натпревари.
На Македонија и беше потребна победа во Србија и кикс на Данска против Северна Ирска, но се беше решено уште по првите 28 минути кога Македонија губеше со 1:0, а Данска веќе имаше водство од 2:0.
Богдановиќ имаше шанса за израмнување во првиот дел, но на паузата Србија замина со водство од 2:0 со головите на Мудрински и Милуновиќ, а Данска веќе водеше и со 3:0.
И покрај неповолните резултати, нашите младинци не се предадоа и тргнаа во напад. Тие креираа неколку шанси, но изостана реализацијата. Србите ја искористија отворената игра на Македонија и со контра напад во 67-та минута преку Јојиќ зголемија на 3:0, а по три минути истиот фудбалер ја искористи конфузијата во нашите редови и постигна уште еден гол.
Самир Фазли го постигна почесниот погодок за Македонија, а до крајо Малбашиќ уште еднаш ја затресе нашата мрежа за конечни 5:1.