На почетокот од својата кариера, Демба Ба имал неуспешни обиди во Лион и Оксер, по што на 19 години потпишува за англискиот Ватфорд, но и таму не успева и набргу се враќа во Франција.
Младиот Сенегалец блеснува на стартот од својата професионална кариера и во првата сезона на 26 натпревари постигнува 22 гола за Руен, по што преминува во белгискиот Мускрон. Но таму заради повреда одигрува само 12 натпревари и следната сезона се сели во германскиот второлигаш Хофенхајм за сума од 3 милиони евра.
Ба веднаш го покажал својот талент пред германската публика и веќе наредната сезона беше промовиран во елитното прволигашко друштво. Хофенхајм предводен од Демба Ба кој постигна 14 гола во првенството заврши на одличното седмо место. Одличните партии во Бундес лигата му овозможија настап за селекцијата на Сенегал и веќе на дебито против Танзанија во јуни 2007 го постигна првиот гол.
Поради извесни недоразбирања во клубот, тој побара нова средина, но падна на два медицински теста, најпрвин во Штутгарт, а потоа и во Стоук. Петтата дестинација за Сенегалецот беше Премиер лигашот Вест Хем каде стана член во Јануари 2011 година.
Со седумте голови на 12 меча тој го привлече вниманието во фудбалската јавност и веќе во јуни прифати да премине во Њукасл за верност долга три години. Ба веднаш на дело докажа дека нема здраствени проблеми поради кои ги пропушти авантурите во Штутгарт и Стоук.
За двете години минати години на „Сент Џејмс Парк" постигна 29 гола и се истакна како еден од најдобрите напаѓачи на островот. Актуелниот европски шампион Челси е тимот кој најмногу веруваше во неговите квалитети и веќе на самиот старт на 2013 година за сума од 7,5 милиони фунти го прибра под свои закрила.
Во ерата на Абрамович, екипата на Челси има константен проблем со напаѓачите, но Демба Ба имаше деби од соништата со двата вчерашни гола против Саутемптон и со тоа е на добар пат да го побие митот дека Стемфорд Бриџ е гробница за напаѓачи.