Поранешниот славен турски напаѓач е дел од истрагата за воениот пуч кој се случи минатиот месец во Турција и е осомничен дека членувал во терористичка организација. За тоа дело турските медиуми пишуваат дека би можел да лежи меѓу една и четири години затвор.
Хакан Шукур беше избран за пратеник во 2011 година во владејачката Партија за правда и развој и по две години си поднесе оставка по истрагата за корупција во која беа вмешани соработници на претседателот Ердоган.
Потоа стана дел од движењето на Фетулах Ѓулен, муслимански свештеник кој живее во САД и кој е обвинет како еден од главните организатори на пучот.
Шукур лани се пресели во САД од каде што го критикуваше Ердоган на Твитер и тогаш се појави информација дека поради навреди кон претседателот, се соочува со затворска казна.
Хакан Шукур се прослави како фудбалер на Галатасарај каде играше вкупно 13 сезони и во 2000 година го освои Купот на УЕФА. За селекцијата на Турција има 112 настапи и 51 гол, а на Мундијалот во 2002-ра го постигна најбрзиот гол на Светските првенства, кога стрелаше против Јужна Кореја за 11 секунди. Турција на тоа Светско заврши на 3-то место.
Турскиот напаѓач играше уште и во Торино, Интер, Парма и Блекбурн.