Мајката и таткото на браќата Инѕаги очигледно ќе треба дома да монтираат два телевизори еден до друг, ако веќе не го сториле тоа до сега.
Нивните синови Симоне и Филипо викендов го играа првиот меч во Серија А сезонава, но за прв заедно во прва лига откако постариот брат успеа да го внесе Беневенто во елитата.
Се совпадна да играат во исто време, сабота од 18:00 часот. Лацио му гостуваше на Каљари, а Беневенто на Сампдорија. На нивната радост, особено на родителите им немаше крај бидејќи двајцата излегоа како победници. Лацио го победи Каљари 0:2, а Беневенто ја совлада Сампдорија со 2:3 и тоа после негатива од 2:0.
За медиумите тоа беше уникатна и прва можност да ги вклучат двајцата браќа во живо, како што го стори тоа Скај, па прв почна Симоне:
„Честитки за Пипо, ја заслужи победата поради посветеноста и страста што ја има за својата работа. Неговиот меч беше потежок од мојот. Тие се повратници во Серија А и плус играа против одлична екипа каква што е Сампдорија“.
Стратегот на Лацио доби и едно интересно и логично прашање за тоа кој му помогнал на Пипо да го подготви првиот меч и кој му дал информации за Сампдорија, со оглед на тоа што Симоне играл против нив, но брат му се среќава прв пат.
„Информациите ги доби од Стефано Де Мартино, нашиот главен човек задолжен за односи со јавност во клубот“.
Додека Пипо на полувреме губел, истовремено бил и среќен за брат му.
„Ние на полувреме губевме, но потоа го погледнав мониторот и видов дека Лацио води благодарение на голот на Лаѕари. Без разлика на мојот резултат, јас бев среќен. Симоне е пример за сите тренери, од него има што да се научи“.
Симпатичната сцена со браќата Инѕаги заврши со збор два посветени на нивните родители. Татко им експлодирал од емоции.
„Поздрав за нашите дома. Не знам како успеале да не гледаат истовремено и двајцата“, рече Симоне, а Пипо поентираше:
„Им се јавив, а татко ми плачеше од радост и не можеше да зборува“.
Инаку Лацио и Беневенто пред 10 дена играа пријателска која заврши без голови.