26 годишниот Германец продолжува со својата хуманост во Бразил каде ќе плати за операција на 11 деца. Озил нив ги нарече „Единаесетмината на Озил” кои ќе бидат оперирани на 24 октомври и 7 ноември во Маранхао. Една од заложбите на Германецот е да им помогне на сиромашните деца кои не можат да си дозволат таква операција.
Најскапиот играч на Арсенал рече дека ќе продолжи со своите донации во оваа земја преку неговата фондација Месут Озил која е во соработка со BigShoe програмата за помош.
„Една година по освојувањето на Светското првенство, сакам да продолжам да оставам добар впечаток во Бразил со финансирање операција на 11 деца. За мене е многу важно да им помогнам на децата во Бразил” изјави Озил на официјалната страна на Германската репрезентација.
На Озил ова не му е прва донација во Бразил. Откако го освои Мундијалот, бонусот што го доби го донираше за 23 операции на болни деца, а за хуманиот гест доби и награда.