Џенаро Гатузо си оди од Милан достојно со најдобри резултати во однос на неговите петмина претходници. Од сезоната 2012/2013 кога ги водеше Алегри тој има собрано најголем број на бодови 68 и ја оствари највисоката петта позиција.
На клупата на Сан Сиро седнаа Сидорф, Инѕаги, Михајловиќ, Броки и Монтела, но никој не беше толку блиску да го врати седумкратниот европски првак во елитата како Гатузо.
Го критикуваат дека е многу груб спрема новинарите, што впрочем можевме и да се уверивме од прес конференции, дека на моменти е многу забавен (на свој начин), ама со неговото заминување се покажа дека е поразличен и по уште нешто.
Гатузо си замина од Милан со образложение дека не се пронаоѓа повеќе во тој проект и затоа што многу ситуации го повредиле, но тоа го направи со многу сенс. Се откажа од 5,5 милиони евра кои му следуваат со раскинот на договорот кој му трае до 2021-ва година
Неверојатен гест во ова време на бизнис во фудбалот. Не дека ќе пати за леб без тие пари, но прашањето е колку други луѓе би се откажале од таков кеш кој практично е негов?
Кога на извршниот директор на Милан, Иван Газидис му ја кажал намерата дека сака да си оди, Гатузо имал само едно барање кое не сакал ни случајно да биде спорно за решавање, а тоа е со неговата оштета да го спаси џебот на колегите.
„Ќе треба да им ги дадете сите плати на моите соработници од следниве две години кои им следуваат. Тоа се пари кои ќе им служат на тие професионалци за опстанок. Ако јас не најдам друг тренерски ангажман, тие ќе останат без работа, а јас тоа не сакам да го дозволам“.
Газидис бил импресиониран од муабетот на Рино кој во оставката меѓу другото вели:
„За овој клуб и за овој дрес сум спремен сè да направам“.
Но освен за Милан со кој се прослави како играч и за 13 години освои 10 трофеи, Гатузо умее да направи многу и за својот тим на соработници, кои сигурно дека уште повеќе ќе го ценат.