Натпреварот Салернитана - Ночерина инстатно беше прогласен за "фарса дерби" од италијанските медиуми, откако се одигра 70 минути пократко отколку што треба. Целиот скандал се должи на тоа што навивачите на гостинскиот тим им забранија на своите играчи да излезат на теренот и им се заканија со смрт доколку не послушаат.
Натпреварот бил прогласен дека е од висок ризик со што на гостинските навивачи не им било дозволено да присуствуваат на стадион. Но тие се налутиле, ги пречекале фудбалерите на Ночерина пред хотелот и им се заканиле со смрт доколку излезат на теренот.
Регионалното дерби беше закажано за во 12:30 часот, но фудбалерите на Ночерина решија да се појават на теренот со задоцнување од 40 минути со маици во знак на протест на кој пишуваше „Респект за Ночерина".
По само 50 секунди гостите ги извршија сите три измени наеднаш, а потоа се до 20 минута симулираа повреди петмина фудбалери по што го напуштија мечот. Поради тоа што Ночерина остана со само шестмина играчи судијата мораше да го прекине мечот по само 20 минути игра.
„Раководните луѓе на Ночерина се обидуваа да ги убедат играчите да се појават на терен, но тие претходно се соочија со сериозни закани од околу 200 ултрас навивачи меѓу кои имаше и малолетни лица. Но ние гарантиравме сигурност дека дербито ќе се игра под максимална безбедност и на крајот мина без инциденти", изјави шефот на полицијата на Салерно.
Навивачите на Ночерина на крајот успеаа да излезат како "победници" на ова недоиграно дерби, а тоа го прославија на плоштадите со пораката: Ние победивме.