На 24 октомври во 1857-та година се роди фудбалот и првиот фудбалски клуб. Виновниците за креирањето на најважната споредна работа на светот се адвокатот Натаниел Кресвик и трговецот со вино Вилијам Прест кои пред 156 години го оформиле фудбалскиот клуб Шефилд.
Во тие години фудбалската топка се тркалала низ цела Англија, но сите си играле по свои правила, па така Кресвик и Прест во 1858-та година го објавиле и првиот официјален документ со фудбалски правила. Овие правила биле прифатени од фудбалските клубови од околината, а по формирањето на Фудбалската асоцијација во 1877-та година овие правила биле модифицирани и прифатени од сите клубови во Англија.
По три години се појавил и вториот фудбалски клуб на островот по име Халам кој и во денешно време игра на најстариот терен во светот според Гинисовата книга на рекорди. Тоа било повод за почеток на најстарото фудбалско ривалство кое датира од 1860-та година.
Деновиве фудбалскиот клуб Шефилд игра во 9-та по ранг лига во Англија.