31 јануари е важен ден во фудбалот. Се затвора трансфер пазарот и сите вести се брзи, куси и интересни за следење. На тој ден во 2013-та Дејвид Бекам потпиша 5 месечен договор со ПСЖ, а Манчестер Сити му го продаде Балотели на Милан.
На 31 јануари 2016-та Манчестер Сити соопшти дека за наследник на Мануел Пелегрини ќе го назначат Пеп Гвардиола. Се враќаме на 31-ви, ама оној во 2011 година кога Фернандо Торес потпиша за Челси за 50 милиони фунти и стана најскап трансфер во историјата на британскиот фудбал и шести во светот.
Тоа на еден начин значеше крај на најпозитивните критики кои ги добиваше за врвната голгетерска форма, но почеток на една нова ера во која почувствува што значи да паднеш како индивидуалец, а да освоиш некој трофеј.
Со трансферот за популарниот Ел Нињо од Ливерпул во Челси целосно застана темпото со кое ги полнеше мрежите. Во Ливерпул за четири сезони постигна 65 гола, а откако си замина во тек е неговата 9-та сезона и има постигнато 37 голови. Тоа се скоро двојно помалку голови и тоа за двојно поголем период.
Му се придружи на Ливерпул во 2007-ма по седум години престој во Атлетико Мадрид каде во последните пет постигна двоцифрен број на голови. Во ист стил продолжи на Енфилд Роуд каде стана прв играч по Роби Фаулер (сезона 1995/1996) со минимум 20 гола во сезона.
Торес стана гол машина на Ливерпул и најбрз играч во историјата на клубот кој стигна до 50 погодоци. По сезони во Премиер лигата прво даде 24 (2007/2009), па 14 (2008/2009), 18 (2009/2010) и 9 (2010/2011).
Но машината р`ѓоса на Стемфорд Бриџ, а англискиот печат не чека многу, па веднаш почнаа критиките. Дебитираше за Челси на 6 февруари со пораз токму против “своите“, а деби голот го постигна дури на 23 април против Вест Хем. 903 минути без постигна гол. Остана само на тој во првата сезона во која настапи 18 пати. Статистика за играч од одбрана.
По сезони во Челси голгетерската форма му се движеше вака: 1 гол (2010/2011), 6 (2011/2012), 8 (2012/2013), 5 (2013/2014), 0 (2014/2015).
Додека во Ливерпул беше индивидуалец за паметење и дел од составот на најдобрите 11 според ФИФА две години по ред, во Челси со далеку помал придонес стигна до трофеј во ФА Купот, Лига Европа и Лига на шампиони.
Што се случи потоа? Торес замина на позајмица во Милан која не е за паметење. 10 настапи – 1 гол и потоа се врати онаму каде што почна, во Атлетико Мадрид каде ја играта третата сезона по неговиот кам-бек. Ланската сезона му беше солидна откако по долго време ја врати двоцифрената бројка на голови. 11 во Ла Лига.
Торес е гол играч на кој му лежат финалињата. Стрелаше за Шпанија во финалињата 2008-ма и 2012-та кога станаа Европски прваци, како и за Челси во финалето од Лига Европа против Бенфика на 15 мај 2013-та. Навивачите на Челси сигурно му го паметат голот против Барселона со кој на Камп Ноу израмни на 2:2 и ги однесе Сините во финалето на ЛШ.
Кога некој играч на своето конто има 239 голови и трофеј во ЛШ, тоа име не е за валкање, но сигурно дека од 31 јануари 2011-та Ел Нињо подзастана, а можеше повеќе.