Данте Бонфим Коста Сантос или на кратко Данте од Баерн Минхен, стана еден од најдобрите дефанзивци во Европа, но неговата кариера не започнала како што тој очекувал.
Во неговите тинејџерски денови Данте не успеал да се наметне во младинските тимови и бил одбиен од 3 различни клубови по што неговите родители од него побарале да се насочи кон друга кариера.
Тие не сакале повеќе да ги финансираат неговите неуспешни обиди во фудбалот, па кога Данте добил покана за проба во Хувентуд, тој воопшто не се двоумел и го продал својот плејстејшн за да може да купи автобуски карти за патот долг 2.500 километри.
„Како и на секое дете од Бразил, мојот сон беше да станам фудбалер. Играв на улиците во моето маало, но моите родители не веруваа дека ќе станам добар фудбалер откако не успеав на пробите во локалните клубови.
Тие ми рекоа дека треба да се бавам со нешто друго, но имаше нешто во мене што ми говореше да продолжам со мојот сон. Моите родители престанаа да ме поддржуваат финансиски, па јас решив да го продадам плејстејшнот и да си купам автобуски билет за да можам да одам на проба", изјави Данте.
Неговиот сон стана реалност. Првиот договор го потпишал со Хувентуд, по што направи трансфер во француски Лил. По неколкуте сезони во белгиските Шарлоа и Стандард Лиеж, во 2009-та премина во Борусија Менхенгладбах, а од минатата година е столб на одбраната на новиот германски и европски шампион.