Книгата на Доменек која ги смени работите

„Да ме судеа, сите ќе викаа обесете го“

Една од најомразените личности во францускиот спорт, Рајмон Доменек изјави дека со книгата која што стана најпродавана во Франција и преведена на неколку јазици, завршило каменувањето врз него кое траеше со години.

На нешто помалку од 100 дена до Европското фудбалско првенство во Франција, третиот селектор по најдолг стаж на оваа земја го објасни неговиот интерес за астрологијата и нападите врз него по катастрофата во Јужна Африка.
„Не, не бев јас државен непријател број 1 на Франција. Јас бев вториот, зад Саркози“, духовито го започнува својот разговор Доменек со новинарот на Гардијан, Пол Дојл.
Доменек деновиве се чувствува добро, многу подобро од тој јуни 2010-та година кога по фијаското на Франција на Мундијалот во Ј. Африка ќе го распнеа во Париз. До толку го мразеа што кога се вратил дома, 3-годишниот син го прашал: „Тато, ќе одиш во затвор“?
 
Самиот Доменек вели дека да му ставеле лисици и да го затвореле за лошиот настап на Франција би било помалку непријатно од тоа што го доживеа недели и месеци по Светското.
 
Сомнежите во неговите селекторски способности се зголемуваа паралелно со сомнежот во неговата личност, особено откако ја побарал девојка му веднаш по елиминацијата од ЕП 2008, неговото исмевање на Република Ирска по раката на Анри во 2009-та и по одлуката да се обрати на медиумите во Јужна Африка каде настана дебакл.
 
Денес има 64 години и не бил тренер откако му ја покажаа вратата во Франција 2010-та. Но јавното мислење малку омекнало, пред сè по објавувањето на неговата книга „Tout Seul (Потполно сам)“, која стана бестселер во Франција и со која ги собра симпатиите на луѓето кои до пред некое време би пукале во него.
 
Сега работи како стручен коментар за француската телевизија Ма Шаин Спорт.
 
Доменек беше на удар на медиумите и јавноста која претстави дека најдобриот играч на Франција во тоа време, Роберт Пирес не бил викнат на Мундијалот затоа што Доменек така одлучил поради астрологијата. Пирес бил шкорпија и не му се вклопувал во замислите.

„Јас сум многу љубопитна личност. Секогаш ме интересираше да разберам како работат луѓето. Ги учев сите комуникациски техники, и учев астрологија и графологија. Да кажев тогаш јас сум графолог, никој немаше да ме напаѓа поради науката“, ја почнува својата верзија, Доменек.
После дебаклот во Јужна Африка, цела Франција не сакаше да го види.
„Астрологијата има мистична страна и наскоро луѓето поради тоа почнаа да ме гледаат како волшебник кој носи шапка на главата и гледа на кристална топка. Астрологијата го изучува карактерот на луѓето, а не ја гледа иднината. Првата книга која што ја прочитав беше Astrologie et Education од која научив дека не можете исто да воспитувате дете Јарец и дете Близнаци. Едното е добро организирано, мирно и повлечено а другото не прифаќа сугестии и трча од соба во соба", продолжува Доменек.

Пирес е шкорпија во хороскоп и затоа не играл за Франција, пишуваа медиумите

Иако долги години беше селектор, Рајмон Доменек ниту еднаш не беше омилен во својата земја.

„Да се разбереме, Пирес тогаш не беше во форма и поради тоа не го повикав. Никогаш не сум ги бирал играчите според хороскоп. Никогаш. Меѓутоа, треба да сфатите дека за Франција играа толку многу горделиви играчи како Рибери, Насри и Анелка кои ги набуцкаа сите против мене", додава белокосиот Доменек.

Неговиот прв меч бил против БиХ кога ремизирал 1:1 во Париз. Уште тогаш немал поддршка од првиот човек на федерацијата Жан-Пјер Ескалат кој сакал селектор да биде Лоран Блан.

„Ме поддржуваше како што би поддржал обесен човек. Да ме судеа, ќе викаа обесете го".

Доменек додава уште и дека е голем љубител на ирскиот фудбал и нивната традиција и дека и покрај тоа што имал непријатни коментари по скандалозната рака на Анри, никогаш не престанал да навива за Република Ирска. Еднаш дури бил и на широкиот список кандидати за селектор на оваа земја, но по интервјуто во Париз, Ирците се решиле за Брајан Кер.

Дали поради астрологија, никогаш не се дозна.