Во најважниот дел од сезоната, Вардарки максимално ја кренаа својата форма. Вечерва немилосрдно го победија Ларвик со 14 голови разлика, а противникот пружи отпор само во првите 10 минути од мечот.
Актуелниот европски првак во третата минута го постигна првиот гол за 2-1, по што следуваше тотално неверојатна серија на Вардарки од 10-0 и веќе во 18. минута на семафорот стоеше 12-1, ретко виден момент во четвртфинале од ЛШ. Барбара Лазовиќ, Сираба Дембеле и Јованка Радичевиќ беа незапирливи, а дополнителен товар по гостинскиот голман беше и Андреа Лекиќ.
За совршено прво полувреме се погрижи Французинката на голот на Вардар, Амандин Лејно која на своето конто запиша 12 одбрани во првите 30 минути и го отвори конкурсот за најдобар голман сезонава во елитната лига. Ларвик некако се опорави до финишот од првиот дел и „намали“ на 16-9.
Во второто полувреме Ларвик се обидуваше да покаже дека не залудно е европски шампион, но освен мини серијата од 0-3 за приближување на 17-12 ништо друго не им појде од рака. Вардарки фатија нов фуриозен залет на средината од второто полувреме и со серија од пет голови стигнаа до највисокото водство вечерва 30:18.
Сезонава првпат ракометарките на Вардар имаа поддршка каква што навистина заслужуваат, речиси идентична на онаа која што ја имаат машките колеги, па решија да се оддолжат со два нови гола и да го затворат мечот со неверојатни 14 голови предност, 34:20.
Лејно беше играч на мечот со дури 20 одбрани, Андреа Пенезиќ постигна 8 голови, Барбара Лазовиќ шест пати се запиша во листата на стрелци, а Јованка Радичевиќ пет. Нора Морк даде шест погодоци кај Ларвик.