Синоќешниот натпревар од Серија А меѓу Бреша и Интер за Масимилијано ќе биде незаборавен, а веројатно и пресвртница во неговата кариера која висеше на конец. Не затоа што не го бива, туку затоа што така му се потрефи.
Во јануари годинава, 21 годишниот фудбалер речиси го допрел дното. Играл за третолигашот Про Пјаченца кој поради финансиски проблеми бил исфрлен од Серија Ц. Немало ниту излез за клубот, ниту плата за играчите.
„Некои денови не знаев ниту каде да спијам. Повеќе не зборувавме за фудбал, туку за преживување.. Ситуацијата во која се наоѓав беше кошмар“, раскажува тој.
Мангравити е инаку дете на Бреша за која дебито на професионално ниво го имал на 14 мај 2016-та против Бари на меч од Серија Б. Потоа го пратиле на позајмица.
Во една таква ситуација, клубот кој практично го пратил како млад да собира искуство во три помали екипи, го враќа назад, токму во годината кога ги купува Балотели и Матри и се спрема за кам бек во елитата.
Ако за време на неговата хаотична ситуација во трета лига каде останал без клуб и пари, некој го прашаше дека шест месеци подоцна може да биде ангажиран во неговиот стар клуб кој сезонава се врати во Серија А, сигурно ќе одговореше: Нема шанси.
Неговиот вчерашен повик во поширок состав беше вкупни трети, а вториот му беше на 31 август. Но овој ќе го памети вечно, бидејќи доби шанса да дебитира во Серија А во први 11 и тоа против Интер.
Тренерот Корини треба да биде среќен што го има бидејќи се работи за фудбалер кој може да игра и во одбрана и во среден ред, плус италијанскиот печат пишува дека немал никакво треперење на нозете како што се очекувало, туку настапил храбро против ѕвездите на Конте.
Корини го фрли во оган, а тој одговори со доста солидни 75 минути. Го опишуваат како цврст 190см висок играч кој влегувал без проблем во дуел со Лукаку и компанија. Поради висината, на нафрлени топки од прекин се наметнувал во противничкиот шеснаесетник, а се местел и на удари во опасната зона кај полукругот.
Малиот е роден во Бреша, растен во Бреша, а синоќа му се оствари еден голем сон. Да дебитира во Серија А, токму со Бреша која сега може да смета на него.