Човекот кој замолчи 200.000 Бразилци на Маракана

Селекцијата на Уругвај е 32-от и последен патник кој ја завери визата за Светското првенство наредната година, а дел од неа е се уште живата легенда Алсидес Гиџа кој со историскиот гол во финалето пред 63 години во Рио де Жанеиро, предизвика ден на жалост во Бразил.

Уругвајците одиграа само 0:0 против репрезентацијата на Јордан која ја наполнија на првиот меч на гости со 5 гола и по што веќе беше јасно кој ќе биде патникот на Мундијалот. Но 70.000 гледачи синоќа имаа мотив повеќе и станаа на нозе да аплаудираат за еден од најголемите историски голови во фудбалот.

Тоа е дело на Алсидес Гиџа кој на 86 години со количка беше донесен на средина од теренот. Беше облечен во синиот дрес на Уругвај кој го носеше на славниот датум 16 јули 1950 година кога среде „Маракана“ со победничкиот гол за 2:1 му го донесе вториот златен пехар на својата земја.

По одигрувањето на првиот Мундијал во 1930 година на кој домаќинот Уругвај стана прв шампион, следеа два последователни успеси на Италија, а по завршувањето на Втората светска војна домаќинот Бразил беше фаворит за освојување на првиот пехар.

Уругвајците се најдоа во финале против селекцијата која имаше поддршка од неверојатни 200.000 навивачи кои беа во исчекување на првата радост. Резултатот беше 1:1, а во 79 минута Гиџа "ја замрзна" славната „Маракана" со гол кој не му се брише од меморија.

„Се сеќавам на секоја секунда од акцијата. Примив една топка од страна, а пред мене беше Барбоза и голманот кој сакаше да излезе понапред. Во тој момент успеав да погодам во десниот долен агол. Кога топката влезе во гол на стадионот провладеа апсолутна тишина со 200.000 потиштени лица. Ги слушав моите соиграчи како се радуваат и во тој момент сфативме дека можеме да успееме", раскажува легендарниот Уругвајски напаѓач.

Вчерашниот натпревар на Уругвај беше досаден затоа што немаше голови, но пред почетокот на мечот публиката се потсети на историскиот гол кој влезе во аналите на фудбалот. Еден од специјалните гости на извлекувањето на ждрепката за групите во Бразил на 6 декември во Салвадор, ќе биде токму тој како еден од најголемите живи спортски легенди.

21 ноември 2013 - 17:55