Челси се отвори во Купот, Кај Хаверц е нова ѕвезда

Без поголеми проблеми момците на Френки Лампард го прегазија Барнсли од Чемпионшип во Лига Купот со 6:0. Јунак на вечерта беше 21-годишниот Кај Хаверц за кого Абрамович даде вреќа со пари.

Младиот Германец кој пред пар недели дојде во Челси од Баер Леверкузен за 62 милиони фунти, веќе одигра три меча за сините. Ако во првите два беше малку забележан, синоќа растури со хет-трик и стана вториот најмлад стрелец на хет-трик во историјата.

Во дебитантскиот меч со Брајтон Кај Хаверц играше како десен крилен напаѓач, потоа со Ливерпул како лажна деветка и синоќа Кај се врати на својата омилена позиција - 10-ка.

Во средината на првиот дел најталентираниот германски фудбалер на денешницата излезе еден на еден со голманот на Барнсли по добар пас на Абрахам кој меѓу нозе го пронајде Хаврерц. Претходно самиот Теми постигна гол и резултатот беше 2:0.

На стартот на вториот дел Хаверц постигна гол по уште една сјајна асистенција на Абрахам. Тимот на Лампард тогаш веќе водеше со 4:0. А после 10 минути шпицот Абрахам одново со идеално додавање го пронајде својот колега од нападот и Хаверц излезе еден на еден па лесно го пројде голманот и постигна хет-трик. Прв во неговата кариера.

И покрај тоа што зад себе има 153 меча за Баер Леверузен и Челси, ова беше прв ваков подвиг на Хаверц.

„Многу сум среќен за него. Покажа се што сакам да видам. Одличен настап, особено впечатливо е што немаше предсезонски подготовки со нас. Одлична вечер за Кај и се надевам само една од многуте кои следат“, рече Лампард после мечот.

За Челси синоќа дебитираа и 23-годишниот репрезентативец бек Бен Чилвел како и 36-годишниот ветеран Тиаго Силва. Чилвел влезе 17 минути по голот на Жиру за 6:0 а Силва одигра цел еден час па излезе од игра (на негово место влезе Зума).

„Беше интригантно за нас зошто Тиаго тренираше со нас некоја недела. Одигра добри 60 минути. Во целост покажа лидерски способности, како во соблекувална така и на терен“, додава Лампард за бразилскиот стопер.  А 38-годишниот голман Вили Кабаљеро не прими гол после 9 шута во негови рамки. Одлична игра во време кога нестабилниот Кепа е на удар на жестоки критики и на негово место во Челси дојде Едуар Менди од Рен кој би требало да биде прв голман.

 

24 септември 2020 - 14:00