Чаби Алонсо на извонреден начин го одбележа својот јубилеен 100-ти натпревар во дресот на Шпанија. Тој беше стрелец на двата гола на четвртфиналниот натпревар против Франција и ја одведе својата репрезентација помеѓу најдобрите четири на Европското првенство.
И покрај тоа што Висенте дел Боске се реши за тактика без класичен напаѓач, Шпанија беше далеку поопасен противник во првиот дел, а на првиот гол се чекаше 19 минути. Алба го помина Дебуши од левата страна и центрираше во шестнаесетникот на Франција каде на осамениот Чаби Алонсо не му беше тешко со глава да ја забие топката во мрежата на Лорис.
Единствената сериозна шанса во првиот дел Франција ја имаше во 32-та минута кога Кабаје се закани од слободен удар.
На почетокот од второто полувреме Франција тргна во напад и направи притисок кон голот на Шпанија, а најблиску до израмнување беше Дебуши кој во 60-та минута опасно биеше над пречката.
Сепак тоа беше се што Франција стори и до крајот на натпреварот во статистичките податоци остана регистриран само еден удар во рамките на голот на Касиљас.
И кога сите го очекуваа последниот свиреж на судијата Рицоли, во самиот финиш од натпреварот тој покажа кон белата точка откако Дебуши до собори Педро во шестнаесетникот. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Чаби Алонсо.
Со оваа победа Шпанија го урна француското проклетство и конечно победи по едно реми и пет порази на големите првенства, со што се избори за ибериско полуфинале против Португалија.