На 5 октомври фрчеа телефони, факсови, мејлови како последна надеж за влез и излез на играчи ширум Европа. Тешко е да се пофати кој сè направи вчера трансфер, така што ќе ги скоцкаме на едно место попознатите фудбалски имиња кои не се малце.
Веројатно најпознатиот напаѓач во светот кој синоќа направи трансфер е Единсон Кавани кој како слободен агент од ПСЖ премина во Манчестер Јунајтед. Искусниот шпиц со педигре на 33 години ќе треба да го оправда дресот со број 7 кој претходно го носеа легенди како Џорџ Бест, Ерик Кантона, Дејвид Бекам и Кристијано Роналдо. 200 гола даде за ПСЖ во седум сезони.
Бомбастичен трансфер меѓу напаѓачите направи и 10 години помладиот Федерико Киеза кој ја изневери Фиорентина затоа што го одбра Јувентус, голем ривал на Виолетовите. Фиоренца не е повеќе твојот дом, напишаа навивачите и го прогласија за предавник.
Јуве и Фиорентина постигнаа ваков договор: Позајмица на две години со задолжителен откуп за што ќе треба да платат 3 милиони во првата година, 7 милиони во втората, а во третата да го откупат за 40 милиони евра доколку Старата Дама заврши меѓу топ 4 или пак фудбалерот одигра 60% од натпреварите или постигне минимум 10 гола и 10 асистенции во првите две години.
Неговата позиција ќе треба да ја пополни искусниот Калехон кој по седумгодишната авантура во Наполи стана играч на Фиорентина.
Меѓу синовите на славните напаѓачи, освен син му на Енрико Киеза, клуб смени и синот на Патрик Клајверт, 21 годишниот Џастин кој од Рома се сели на позајмица во Лајпциг.
Јак трансфер синоќа направи и Рафиња кој лани како позајмен играч настапуваше во Селта, а оваа сезона ќе го носи дресот на ПСЖ. Брат му Тијаго Алкантара веќе знаете дека од Баерн премина во Ливерпул
На релација ПСЖ – Баерн Минхен на фри трансфер замина Ерик Максим Чупо Мотинг, човекот кој ги однесе Парижаните во историско полуфинале во ЛШ со гол во 93-та минута против Аталанта. Во Минхен како повратник пристигна и брзоногиот Даглас Коста како позајмен играч од Јувентус.
Нов соиграч на Елмас ќе му биде Тимуе Бакајоко кој како член на Челси трета сезона по ред оди на позајмица. Милан, Монако, па сега Наполи, повторно кај Гатузо кој му беше тренер на Сан Сиро.
Во Рим пристигнаа двајца дефанзивци од Премиер лига. Весли Худ од Саутемптон во Лацио и Крис Смолинг од Манчестер Јунајтед во Рома, со тоа што вториот веќе настапуваше лани на Олимико ама како позајмен, а Холанѓанецот беше во Лацио од 2015-та до 2017-та.
Арсенал го засили средниот ред со Томас Парти откако Топџиите ја активираа неговата клаузула од договорот и на Атлетико Мадрид му исплатија 50 милиони евра.
Од останатите трансфери Тео Волкот од Евертон се врати во Саутемптон, Дармиан на позајмица од Парма во Интер, Делофеу на позајмица во Удинезе, Калиниќ од Рома во Киево, а Де Шиљо од Јуве во Лион.
А ако сакате топ 10 најскапи на летото
The transfer window's biggest deals 💰 pic.twitter.com/I0FHJNN2r5
— B/R Football (@brfootball) October 6, 2020