Какво срце има овој Франческо Ачерби на кој италијанските медиуми секое коло му ги бројат натпреварите кои ги игра без никаква пауза, ниту минута?
Дефанзивецот на Лацио игра фудбал од 18 октомври 2015-та без да биде повреден, заменет или суспендиран. Последен пат бил отсутен поради повреда на 4 октомври 2015-та и потоа кран не го подигнува од зелениот терен.
Вчерашниот настап против Киево му беше број 141, ама по ред. Во четвртокот Симоне Инѕаги го остави првиот тим во Рим и на гостувањето од Лига Европа на Кипар замина со втор состав.
Во стартните 11 направи само еден исклучок, токму на незаменливата стоперска позиција резервирана секогаш за Ачерби. Лацио против Аполон имаше меч без никаква важност, бидејќи е веќе математички пласиран во нокаут фазата, но за Ачерби нема одмор.
Што е најинтересно, тој смета дека фудбалерите не треба ниту да го споменуваат тој збор.
„Фудбалот ми е работа и страст, ме плаќаат за тоа и зарем треба да одбијам? Јас не се чувствувам уморен, играм фудбал, не работам во фабрика по 8 часа на ден. Заморот е работа, која ние фудбалерите не треба ниту да ја спомнеме“.
Кога ваков муабет ќе направи човек кој инаку два пати го има победено ракот, тогаш никој друг нема право да се жали на згуснат распоред.
Ачерби ја почна кариерата во Павиа во 2006-ѕа и играше за повеќе клубови како Реџина, Џенова, Киево. Не успеа да се наметне во силната конкуренција на Милан во сезона 2012/2013, а потоа пет сезони беше незаменлив во Сасуоло.
Неговата неверојатна низа на одиграни натпревари по 90 минути не му ја прекинаа ниту тројцата тренери кои продефилираа во Сасуоло.
Лацио летово остана без Стефан Де Врај и реши да инвестира 10 милиони евра токму во Ачерби, а тој со своите партии заработи повик и од Роберто Манчини во репрезентација.
„Никогаш не сум побарал од Инѕаги да ме става во игра, тоа се негови одлуки. Што се однесува до мене, јас не би пропуштил ниту една минута и би играл секогаш. Фудбалот ме прави да се чувствувам жив“, вели човекот со срце на лав.
Франческо Ачерби не е обичен борец, туку гладијатор кој и покрај сериозните здравствени проблеми се врати на терен уште посилен.
Неговиот следен предизвик е да го стигне рекордот на Хавиер Занети кој има одиграно 162 средби по ред.
Во ова лудо време на изместени вредности и милијарди, фудбалот има потреба од вакви примери и пред се луѓе каков што е Франческо.