Блескавата судиска кариера на Александар Ставрев, од Градски до Камп Ноу

27 години делење судиска правда од кои 19 меѓународна, над 1.000 домашни натпревари, 148 меѓународни, непристрасност, популарност, имиџ. Неговото име и презиме станаа поим за македонски судија. Му судеше и на Меси, а мечот го одработи чисто како солза. Ниту еден картон не извади.

Натпреварот меѓу Порто и Мидтлијанд во рамките на Лига Европа кој се игра в четврток со почеток од 21 часот, нема да биде како и сите други за најафирмираниот македонскиот арбитар Александар Ставрев.

Тоа е неговиот последен судиски танц на кој ќе ја дели правдата во неговата долга кариера, заедно со неговиот асистент Дејан Костадинов.

Помошник ќе му биде уште и Гоце Петрески, а четврти судија Игор Стојчевски. Во ВАР собата се избрани Алесандро Ди Паоли и Даниеле Кифи.

Бате Борисов - Баерн Минхен

47 годишниот Ставрев ќе и стави точка на кариерата на славниот Драгао кој собира 50.000 гледачи, каде игра двократниот европски и 30 кратен првак на Португалија, како и еден од двата најтрофејни португалски клубови со вкупно 86 трофеи.

Александар Ставрев стана судија со знакот на ФИФА во 2006-та. Истата година го имаше меѓународното деби на Европското првенство за играчи до 17 години меѓу Германија и Белгија (4-0).

Тоа беше само почеток на една долга и богата меѓународна кариера која во бројки изгледа вака:

Лил - Валенсија

- Вкупно 148 меѓународни натпревари.

- 15 натпревари во Лига на шампиони.

- 59 натпревари во Лига Европа.

- 9 натпревари во Конференциска Лига.

- 9 квалификациски натпревари за ЕП

- 8 квалификациски натпревари за Светско

- 3 натпревари во Лига на нации

- 8 пријателски натпревари

- Младински првенства: ЕП У-17, ЕП У-19, ЕП У-21

Јувентус - Нордсјеланд

Предизвиците на Ставрев беа уникатни, бидејќи за викенди судеше на Градски, Тумбе кафе, Билјанини извори, Кратово..., а после делење правда и држење ред и дисциплина во мак фудбалските лакрдии, требаше да биде сконцентириран за на едно сосема друго ниво, на стадиони како Камп Ноу, Алијанц арена, Стемфорд Бриџ...

Во неговата биографија влегуваат екипи како Барселона, Валенсија, Севиља, Челси, Баерн Минхен, Борусија Менхенгладбах, Хановер, Јувентус, Рома, Наполи, Фиорентина, Лион, Порто, Бенфика, Фенербахче, Галатасарај, Зенит, ЦСКА Москва… 

Дел од репрезентациите на кои им има судено се Германија, Франција, Русија, Австрија, Данска, Норвешка, Велс, Шкотска, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Ерменија па сè до Сан Марино.

Ставрев на Камп Ноу му судеше на Меси, а помошници му беа Марјан Кировски, Љубомир Крстевски - Крцулот на кој му беше последна средба, Дејан Јакимовски, Димитар Мечкаровски и Горан Спиркоски.

Тоа беше меч од групната фаза во ЛШ меѓу Барселона и Викторија Плзен (2:0) која се одигра на 19 октомври 2011-та.

Меси во напад играше со Педро и Давид Виља. Средниот ред го сочинуваше славното трио Чави - Иниеста - Бускетс, во одбрана беа Дани Алвеш, Маскерано, Абидал и Адриано, а на гол стоеше Виктор Валдес.

Барселона - Викторија Плзен

Инаку во април минатата година Грците побараа судиска помош од Македонија за дербито меѓу Арис од Солун и Панатинаикос од Атина.

Повикот се однесуваше на Александар Ставрев кој на стадионот „Клеантис Викилидис“ во Солун го судеше мечот со своите помошници Гоце Петрески и Дејан Костадинов.

Изминатиов викенд, Александар Ставрев заедно со Дејан Костадинов го одработија последниот домашен натпревар и беа испратени со шпалир на Градски. Тоа беше средбата меѓу Работнички и Пелистер, на која од скопскиот прволигаш добија подароци. 

11 декември 2024 - 13:17