Пред точно 10 години

Битката за Афлитос, најлудиот меч во бразилскиот фудбал

Неверојатниот натпревар меѓу Наутико и Гремио кои на овој ден пред 10 години се бореа за влез во првата лига сè уште се раскажува преку документарци, филмови и книги.

Batalha dos Aflitos (Битката за Афлитос) е термин кој се користи од бразилските новинари во сеќавање на големото дерби меѓу Наутико и Гремио. Победникот на овој меч влегувал директно во првата бразилска Серија А во сезоната 2006/2007.
 
Гремио, како еден од најголемите бразилски клубови од кои потекнува и Роналдињо минуваше низ најтешките моменти во клупската историја. Поради финансиски проблеми екипата се распаѓаше и тимот се лизна во втората лига во 2004. година. Од друга страна, Наутико, исто популарен клуб во Бразил се обидуваше да се врати во најдобрата бразилска лига после цели 11 години.
 
Се играше последното коло во плејофот, во кој 4 тимови играат меѓу себе за првите две места кои водат во највисок ранг следната сезона. Пред шестото, последно коло, Гремио беше лидер со 9 бода, Санта Круз втор со 7 бода, Наутико трет со 6 и Португеза четврта со 5 бодови.

Двете средби почнаа во исто време. Со оглед на ситуацијата, мечот Наутико - Гремио беше многу потензичен. Во првото полувреме, домаќинот напаѓаше и доби прилика од пенал да поведе, меѓутоа Бруно Карваљо ја погоди стативата. Бодрен од неколку илјади гостински навивачи, Гремио одлично се бранеше затоа што и со бод имаше сигурен пласман и богати премии за влез во највисок ранг.

Второто полувреме започна како што заврши првото, со многу тензија, ризични стартови и пиротехника на сите страни. Кулминацијата настана во 55. минута, кога Ескалона од Гремио доби црвен картон поради играње со рака во сопствениот шеснаесетник.

Толку им требаше на гостинските играчи кои агресивно го опколија судијата. Мечот беше прекинат на 20 минути и уште двајца играчи на Гремио добија црвени картони: бекот Домингос и десниот бек Патрисио. Несекојдневно, мечот продолжи со пеналот иако Наутико имаше 11 играчи а Гремио 7 (6+ голманот).

Херојот на Гремио, голманот Галато му го одбрани пеналот на Адемар со нозе за шок на стадионот. 35.000 луѓе се држеа за глава.

Домаќините имаа уште 10 минути (+10 продолжение) со 4 играчи повеќе, но гостите не само што се одбранија, туку по една контра преку Андерсон (подоцна играч на Јунајтед) дадоа гол за конечни 0:1 на најлудиот меч во историјата на бразилските првенства.

Најдобри моменти од мечот:

 

Целиот документарен филм за битката меѓу Наутико и Гремио:

 
26 ноември 2015 - 16:05