Ако напишете на Гугл Ballon d`Or 1991 нема да ви излезат фотографии од Дарко Панчев, туку од Жан Пјер Папен, човекот кој ја освои Златната топка. Во спортот секогаш се памети кој е прв, а наш Дарко тогаш заврши втор.
Поминаа точно 30 години од таа церемонија од која за жал не се наоѓаат фотографии на интернет. А убаво ќе беше да видиме како тоа изгледало и дали Папен, Панчев, Дејо и Матеус седеле заедно еден до друг, скоцкани во свечени одела како што ги видовме Левандовски, Меси, Мбапе и Суарез.
Како и да е, убаво е да се потсетиме на тој малку подзаборавен и огромен успех на Панчев, тешко достижен за еден македонски фудбалер во денешно време.
1991-ва е година на европскиот успех на Црвена Ѕвезда која во финалето го совлада токму Олимпик Марсеј, каде во тоа време царуваше во нападот Папен. Но новинарските гласови на тронот го изгласаа Французинот, пред Македонецот кој одличното второ место го подели со Дејан Савичевиќ и Лотар Матеус.
Тројцата добија по 42 гласа, а Папен 141. Роберт Просинечки заврши со 34, а Гери Линекер со 33. Дел од топ 30 беа и имиња како Виали, Белодедиќ, Лаудруп, Руди Фелер, Стоичков, Манчини, Ван Бастен, Ефенберг, Гулит, Хаџи. Колку силна конкуренција.
Дарко Панчев таа година со Ѕвезда беше шампион на Југославија, Европа и светот, како и најдобар стрелец во Југославија и во Европа. Постигна фантастични 40 голови на 43 средби на сите натпреварувања од кои 34 во југословенскиот шампионат.
Жан Пјер Папен со Марсеј го освои француското првенство и стана најдобар стрелец и во Франција и во Купот на Европски шампиони. Со Австриецот Питер Пакулт постигнаа по 6 гола, Панчев заедно со уште петмина имаа по 5 гола.
Лотар Матеус пак кој ја освои Златната топка една година претходно, кога стана и светски првак со Германија. Тој во 1991-ва ја доби наградата за најдобар играч во светот според ФИФА.
Уште некои податоци од тоа време кои вреди да се знаат. Панчев три сезони по ред го освојуваше југословенство првенство (1990, 1991, 1992) и заедно со Слободан Сантрач се единствени играчи во историјата кои по четири пати станале најдобри стрелци во тој силен шампионат. Дарко тоа го стори во 1984, 1990, 1991, 1992.
Папен е четири кратен освојувач на француското првенство (1989, 1990, 1991, 1992), пет пати најдобар стрелец во Франција (1988, 1989, 1990, 1991, 1992) и три пати во Европа (1990, 1991, 1992). Сето ова во низа со Олимпик Марсеј.
Шампионската низа ја продолжи со Милан со кој освои две Скудета, а го освои и трофејот кој го загуби во Бари од Панчев, а тоа е ЛШ во сезоната 1993/1994. Тогаш Савичевиќ му беше соиграч, а во финале капитулираше Барселона со 4:0.
Францускиот центарфор постигна 31 гол за две сезони во Милан, па се проба и во Бундеслигата во дресот на Баерн Минхен со кој освои Куп на УЕФА.
„Франс фудбал“ вчера сподели сторија од Лекип за Папен, дека тој е последниот играч од француското првенство кој ја има освоено Златната топка.
Бил единствен кој знаел за признанието, а известувањето од уредниците на францускиот магазин го држел во тајност 11 дена. Два дена по доделувањето постигна хет-трик против Рен.
Златната копачка за 1991-ва, Панчев ја доби во Скопје во 2006-та година.
Златната топка за 1991-ва во рацете на Папен.
„Во овие 70 години ниту еден друг Македонец не бил кандидиран за најдобар играч во Европа. Е Дарко бил ставен во топ 100 играчи во Европа, па го ставиле во топ 10, па на крај завршил втор заедно со Савичевиќ. Епа сега нека заврши некој друг на тоа место“, рече неодамна Панчев во емисијата „Еден на еден“.