Најпопуларниот шкотски клуб реши да го следи примерот на Стивен Најсмит, фудбалерот на Евертон кој пред неколку месеци делеше бесплатни карти за социјалните случаи во Ливерпул.
Преку официјалниот сајт, Селтик соопшти дека таквата одлука е своевиден подарок за Божиќ за секој што не може да купи карта за натпреварите на „детелините“.
„Со големо задоволство соопштуваме дека ќе даваме бесплатни карти за навивачите кои во моментов се невработени. Одлуката важи за дуелот против Рос Каунти, во недела на 27. декември. Се надеваме дека невработените ќе ја искористат шансата да дојдат на Селтик Парк и заедно да наздравиме за Божиќ. Иницијативата е само дел од нашите принципи за помош на помалку среќните луѓе за кој Селтик секогаш ќе биде отворен дом“, стои во соопштението на сајтот на Селтик.
Понудата важи за секој навивач кој ќе покаже соодветен документ дека во моментот е невработено лице, а картите ќе ги подигне на билетарата на Селтик Парк стадионот. Селтик во моментов е прв во шкотското првенство со 38 бода, 6 повеќе од Инвернес. Во меѓувреме, УЕФА соопшти дека отворила истрага за инцидентите кои навивачите на Селтик ги направија во Загреб, минатиот четврток.