Фудбалерот на Манчестер Сити, Јаја Туре шести пат по ред е номиниран за играч од Африка кој постигнал најмногу во 2014-та година. Меѓу останатите кандидати се уште и Јахин Брахими (Алжир), Винсент Енејама (Нигерија), Пјер-Ерик Обамејанг (Габон) и Жервињо (Брегот на Слоновата коска).
Четворица од номинираните фудбалери играа на Светското во Бразил, каде за прв пат во историјата на Мундијалите, две африкански екипи ја пројдоа групната фаза. Голманот Енејама играше во 1/8 финалето, каде се пласираше и Брахими со Алжир. Енејама (32) претходно имаше одлична сезона со Лил, каде не прими гол нa 21 натпревар во првенството и во купот. Брахими го избраа за најдобар фудбалер на шпанскиот прволигаш Гранада, од каде замина во Порто.
И Енејама и Брахими ја одржаа добрата форма на СП, а одлични настапи пружи и Жервињо. Фудбалерот од Брегот на Слоновата коска се препороди во Рома, каде на 38 натпревари постигна 10 гола а имаше и 5 асистенции.
Жервињо и Јаја Туре не ја пројдоа групната фаза во Бразил летово, но на клупски план одиграа одлични сезони, по што во Африка ги номинираа за најдобри фудбалери на годината. Пјер-Ерик Обамејанг не се пласираше со Габон на Мундијалот, но неговата номинација доаѓа по добрите партии во дресот на Борусија Дортмунд. 25-годишниот напаѓач веќе втора сезона игра за Дортмунд, за кого во актуелната сезона даде 4 гола во Лигата на шампионите.
„Многу ми значи оваа награда, затоа што не доаѓа од менаџери, играчи и судии, туку од објективната публика која го сака фудбалот. Им благодарам на сите што гласаа за мене, затоа што како Африканец многу ме радува наградата за која гласа целиот свет“, изјави лани Јаја Туре.
Избор за најдобар фудбалер на Африка според ББС:
2013 - Јаја Туре (Манчестер Сити, Брегот на С. коска)
2012 - Крис Катонго (Хенан, Замбија)
2011 - Андре Ајо (Марсеј, Гана)
2010 - Азамоа Гијан (Сандерленд, Гана)
2009 - Дидие Дрогба (Челси, Брегот на С. коска)
2008 - Мохамед Абутрика (Ал Ахли, Египет)
2007 - Емануел Адебајор (Арсенал, Того)
2006 - Микаел Есиен (Челси, Гана)
2005 - Мохамед Баракат (Ал Ахли, Египет)
2004 - Џеј-Џеј Окоча (Болтон, Нигерија)
2003 - Џеј-Џеј Окоча (Болтон, Нигерија)
2002 - Ел Хаџи Диуф (Ливерпул, Сенегал)
2001 - Сами Куфур (Баерн Минхен, Гана)
2000 - Патрик Мбома (Парма, Камерун)