Првото Здружение на поддржувачи на ФК Барселона во Македонија е веќе регистрирано во Централниот Регистар на Република Македонија под официјалното име „Пениа Барселониста Сис Копес Топки" (Penya Barcelonista Sis Copes Topki - во оригинален запис, а со превод на македонски „Пениа на Барселонисти Шест Купа Топки) и под директно покровителство на ФК Барселона, Шпанија.
Со новите промени во Статутот на ФКБ кои беа донесени кон крајот на 2013-та година, Македонија го задржа правото за формирање на вакво здружение само поради исполнување на правилата за минимум 5 годишно членство на „основачот" односно Претседателот на истата, Игор Филевски. Досега во неколку наврати, се правеа обиди за конечна регистрација, но промените и во Статутите на самиот клуб, наметнаа нови исполнувања.
Првата Пениа од Македонија е со седиште и адреса во Струмица, а наскоро ќе ја прошири својата активност и низ останатите градови низ Македонија. Здружението брои 220 членови, а по официјалното соопштување и во седиштето во Барселона, ќе започне и со зачленување на сите нови.
Сите членови на првото здружение на ФК Барселона во Македонија ќе добијат свои карнети (СОСИ картички) печатени и испорачани од седиштето во Барселона, како дел од македонските официјални навивачи и членови. Истите ќе ги добијат и сите бенефити со кои ФКБ располага за сите пении во светот.
Со формирањето на оваа Пениа, секој Македонец по исполнувањето на тригодишното членство, ќе може да добие и полнoправно, со право на глас како и сите 150.000 низ светот.
Членството опфаќа и други бенефити, од купување на влезници, организирано патување за натпреварите на ФКБ на Камп Ноу како и на гостински терен, нарачување од официјалната продавница (интернет или лично), посета на музејот и внатрешноста на стадионот, и уште многу други поволности.