Аталанта го победи Торино 0-7 на гости, Иличиќ даде гол од пола терен

Во последните месец дена, Аталанта има фасцинантни, рекордни резултати. Победуваше со 5-0, 5-0 и 7-0. Само Манчестер Сити дал повеќе голови во Топ5 лигите во Европа, иако премиерлигашот има 3 меча повеќе од Бергамашите. Иличиќ полуде, не знае за доста.

Аталанта продолжува да ја импресионира фудбалска Европа. Овој тим веќе направи сензација што после воведни 3 порази во првото историско учество во групна фаза од Лига на шампиони, на крај успеа да го згази Шахтар на гости со 0-3 и да се пласира во плејофот на ЛШ.

Аталанта во саботата направи бум, откако му даде 7 гола на Торино на гости: Јосип Иличиќ имаше хет-трик, Муриел два гола, а по еден дадоа Госенс и Запата.

Покрај овој сензационален триумф од 0-7, кој е најголем во историјата на клубот, треба да се напомене дека во октомври лани го разнесоа Удинезе со 7-1.

На последните 6 меча Аталанта забележа 3 победи и тоа, пазете: 5:0, 5:0 и 7:0. Ваква серија во италијанската лига немало 60 години. Фиорентина од декември 1958 до јануари 1959 година победила три меча со минимум 5 гола.

Аталанта во својата Серија А историја шест пати постигнала најмалку 5 гола на еден меч. Сите шест се во ерата на Гасперини.

Инаку Деа, како што ја викаат тифозите од Бергамо, сезонава е на второ место по ефикасност во цела Европа. Бергамашите постигнаа 57 гола на 21 меч. На прво место е Манчестер Сити со 65 гола при што премиерлигашот одигра 3 меча повеќе.

Главни ѕверки на овие рекорди се Јосип Иличиќ и Алехандро Гомез. Словенецот има 12 гола на последните 10 меча во Серија А (вкупно 13 гола и 4 асистенции сезонава), а по бројот на хет-трикови (4) од 2018-та па наваму во Топ5 лигите пред него се само Меси (7) и Агуеро (6).

Трет најдобар стрелец во екипата е Луис Муриел. Колумбиецот за 888 минути има 12 гола од кои 5 од пенал.