Арсенал веќе 8 години не може да заврши 4-ти и да оди во Лига на шампиони

Дефинитивно најлузерски менталитет во англиската Премиер лига имаат „топџиите“ кои речиси никогаш кога е најпотребно не знаат да ги израдуваат своите навивачи.

Во Англија покрај големата интрига во борба за титулата, многу драма има и околу четвртото место кое води директно во богатата и елитна Лига на шампиони. На ова место претендираат Тотенхем и Арсенал но се чини дека вториве веќе нема што да бараат.

Во понеделникот вечер прашањето околу патникот во ЛШ како да доби одговор. Ако пред само пар кола Арсенал беше апсолутен фаворит со неколку бода предност на 4. место, сега изгледа дека тимот на недоволно добриот тренер Микел Артета во ЛШ може да го однесе само чудо.

Арсенал изгуби 2-0 од Њукасл во коло кога Тотенхем освои три бода со триумф од 1-0 над Барнли и сега Спарс на коло пред крајот имаат бод предност во однос на ривалот од северен Лондон.

„Топџиите“ со победа можеа да се вратат на четврто место и да ја сочуваат предноста од еден бод но на крај изгубија од Њукасл кој победи благодарение на автогол на Бен Вајт на почеток на вториот дел и гол на Бруно Гимараеш.

„Не заслужуваме да играме во Лига на шампиони, не заслужуваме ни во Лига Европа. На Арсенал му фалат играчи со мадиња да играат за Арсенал“, изјави Гранит Џака после мечот.

АРСЕНАЛ ВЕЌЕ ОДАМНА САМО СЕ СЕЌАВА КОГА ПОСЛЕДЕН ПАТ ЗАВРШИЛ 4-ТИ

Интересно, некогашниот шампион на Англија во историјата на Премиер лига имал најмногу четврти места. На оваа позиција „топџиите„ биле дури 3.000 дена откако се игра Премиер лига.

Од сезоната 1992/1993 Арсенал завршил четврти дури седум пати, а од нив шест пати од 2005/2006 до 2013/2014.

Верувале или не Арсенал цели осум години сега не бил четврт (последен пат 2013/2014). После тоа имаше две места во топ 3, а во последните шест години никако не можат да го освојат толку посакуваното четврто место за пласман во Лига на шампиони.

17 мај 2022 - 09:05