Горан Пандев има еден куп трофеи во кариерата, а синоќа доби убаво признание, од својот народ кого многу го задолжи.
Струмичанецот имаше сјајни 12 месеци со македонската фудбалска репрезентација, а беше и стрелец на најважниот гол во историјата на нашиот фудбал: оној златниот за пласман на Европско првенство.
„Жалам затоа што не сум во Македонија во моментов, па морам преку видео врска да се заблагодарам за наградата. Голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт, но за оваа награда се заслужни сите во македонската репрезентација, од селекторот, па преку соиграчите, физиотерапевтите и економите зашто создадовме семејство. Ова за мене е поттик да продолжам понатаму“, кажа Пандев.
Гоче не беше присутен на церемонијата поради обврски со неговиот клуб Џенова во италијанскиот фудбал, па не можеше лично со физичко присуство да го прими признанието за спортист број 1 на годината во Македонија.
Зад него по број на гласови завршија таеквондистот Дејан Георгиевски и каратистот Емил Павлов кои исто така успешно ја претставуваа Македонија.