4 мај 1949-та година е датум кој е врежан во меморијата на сите навивачи на Торино, но за жал тие го паметат овој ден по најголемата трагедија во историјата на италијанскиот фудбал.
Генерацијата на фудбалскиот клуб Торино која доминираше во тој период и освои пет шампионски титули, заслужено го доби прекарот „Гранде Торино". Таа година Торино немаше пораз на домашен терен, а на пријателски натпревар во 1947-та година помеѓу репрезентациите на Италија и Унгарија, сите 10 фудбалери освен голманот, беа членови на Торино.
За жал, оваа приказна за „Гранде Торино" има трагичен крај. На враќањето од Лисабон по одигрување на пријателски натпревар против Бенфика, во авионска несреќа загинуваат сите 31 патник, помеѓу кои биле фудбалерите и претставници на клубот. Трагедијата се случила откако авионот удрил во базилика на врвот на брдото Суперга во близината на Торино.
Сезоната ја довршуваат јуниорите и ја освојуваат шестата титула, но за жал Торино не успеа да го повтори успехот на „Гранде Торино". Овој клуб паѓа во сенката на градскиот ривал Јувентус кој ја има поголема поддршка на интернационално ниво и во околината на градот, но Торино од секогаш бил омилен клуб на локалците од овој град од северна Италија.
Последната титула Торино ја освојува во 1976-та година и во овој момент се натпреварува во Серија Б, но е на добар пат од следната сезона да се врати во италијанската елита.