Едсон Арантес дос Наскименто на 18 јули 1971 година, кога го достигна врвот на само 30 години реши да стави крај на својата репрезентативна кариера.
На стадионот Маракана во Рио де Женеиро на пријателскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Бразил и Југославија, 150.000 навивачи дојдоа да ја поздрават својата легенда. Конечниот резултат 2:2 воопшто не беше важен, а по натпреварот Пеле во солзи го истрча последниот круг.
Со репрезентацијата на Бразил, Пеле учествуваше на четири Светски првенства и освои три од нив. На 91 натпревар во дресот на Бразил тој постигна 77 гола.
Во својата кариера има настапувано само за два клуба, Сантос и Њујорк Космос. Според неофицијалните статистики тој има одиграно 1.363 натпревари и постигнато 1.282 гола.
Неговиот гол број 1.000 тој го постигна на 19 ноември 1969 против Васко де Гама.
На 1 октомври 1977 година на пријателски натпревар помеѓу Сантос и Космос, Пеле одигра по едно полувреме за двете екипи и стави крај на неговата кариера.