13 годишен навивач успеа да договори трансфер во својот омилен клуб

Навивачите се составен дел од секој спортски колектив и без нив едноставно не се може. Но колку можат да кажат дека го сретнале тренерот, му сугерирале кого да донесе и на крај успеале да го донесат играчот кој го посакувале во тим?

Анџело Кониљо е 13 годишно момче, кое за разлика од другите деца на негова возраст не се занимава само со пишување домашно, туку и со анализа на фудбалската игра. Тој е можеби единствениот навивач кој слободно може да се пофали дека одиграл клучна улога во засилувањето на тимот за кој навива.
 
Кониљо е еден од најстрасните фанови на американскиот второлигаш Њујорк Космос, клубот во кој улогата на почесен претседател ја има Пеле, кој на времето го носеше нивниот дрес. Заедно со брат му и родителите не пропуштаат натпревар кога игра нивниот тим.
 
Нивната лојалност е огромна. Доаѓаат порано на стадион, уште додека играчите се загреваат, а потоа остануваат да ги бодрат играчите без разлика дали ќе победат или не.
 
Анџело е познат по тоа што често пати останува да разговара со тренерот Џовани Саварезе, кој еднаш го забележал младиот навивач со тетратка в раце. Тој ја отворил и му покажал седум различни формации кои ги разгледувале заедно.

Саварезе кога ги видел се насмевнал. Тој многу ја ценел страста на навивачите и секогаш сакал да ги чуе нивните идеи, но оваа на Анџело, не била само за слушање, туку всушност се реализирала.
 
Навивачот на Њујорк Космос преку социјалните мрежи се спријателил со Лаки Мкосана, а нивната комуникација продолжила и откако напаѓачот го напуштил клубот и заминал да игра во Финска. На Њујорк му требал напаѓач, Мксоната бил негов омилен играч и Анџело почнал да размислува како да го натера да се врати.
„Почнав да разговарам со Лаки веднаш штом замина во Финска. Ми недостига и повторно го посакувам назад. Секогаш кога со брат ми го среќаваме Саварезе му велиме дека е потребна поголема моќ во напад. Секогаш му кажував дека Лаки би се вратил. На секој меч губевме дома и јас постојано велев дека ни треба Лаки. Во секоја прилика го кажував тоа, ни треба Лаки, вратете го Лаки“, раскажува Анџело.
За Саварезе целата работа претставувала само како една прекрасна приказна за Анџело и неговото семејство кое страсно ги следи настапите на Њујорк, но малиот бил доста упорен и успеал да го убеди во идејата.

„Еден ден дојде до мене, мислам дека беше пред стадион и ми рече: Џовани, постојано сум во контакт со Лаки, изгледа дека нема голема минутажа. Кажете му да дојде и да игра за нас. Му реков дека штом има контакт од него, нека му каже дека ова е неговиот дом и секогаш е добродојден да се врати. Анџело му пишал на Лаки, му ја објаснил ситуацијата. Потоа добив повик од Лаки“, вели тренерот на Космос.
Анџело и брат му Френки за кам бекот на Лаки дознале кога се вратиле од школо, откако мајка им им рекла да ги проверат најновите вести на интернет.
 
За семејството на Анџело, навивањето за Њујорк Космос е традиција стара три децении и почнала уште од времето кога неговите родители оделе да го бодрат клубот на стадион, оној стариот кој го носел истото име. Новиот Космос е формиран во 2010-та.

„Се сеќавам на еден натпревар кога Анџело беше собирач на топки и додека Лаки се загреваше почнаа да разговараат за мечот. Нивниот однос почна тогаш да се гради и потоа стануваа се поголеми пријатели“, вели неговата мајка.
Инаку Каварезе е импресиониран од Анџело и неговите познавања и интереси за фудбалот.
„Тоа е одлично дете, уверен и секогаш нè поддржува и му помага на клубот. Секогаш ги пренесува своите мисли во клубот“, вели Каварезе
Стратегот на Њујорк Космос се пошегувал и дека Анџело треба да стане нивниот главен скаут.
22 јуни 2017 - 12:22