36 јунаци од Англија на стадионот на Саутемптон одиграа хуманитарен фудбалски натпревар кој траеше 102 часа. Почнаа во неделата во 18:30, а завршија во петок во 00:30 часот.
За тие пет дена успеаа да постигнат над 1.600 голови, а конечниот резултат меѓу Белите и Црвените заврши 910:725. Најголем зорт виделе во понеделникот кога истурило од врнење.
„Последниот пат спиев една ноќ, пред ноќта кога завршиме со играње и тоа веројатно беше околу 1 час. Во понеделникот беше многу лошо, мислам дека врнеше од 8 или 9 часот навечер, се до утрото некаде до 11 часот. Игравме без престан 12 часа и не можевме да се пресоблечеме. Шаторите ни беа жива вода, а облеката и вреќите за спиење беа во поплава“, вели организаторот Лук Њуман.
За да може да се менуваат, еден тим имал 18 играчи, но доколку во било кој од екипите за момент на терен имало помалку од 8 играчи, немале да го постават новиот светски рекорд кој ќе влезе во Гинисовата книга за рекорди.
„Теренот во Саутемптон е прилично тежок за игра и затоа имаа многу проблеми со колената. Во понеделникот им беше најтешко“, изјави физиотерапевтот, Џули Монтеиро.
„Тоа беше еден од оние предизвици за кои си викаш дека ќе го направиш само еднаш во животот, па затоа мора да го направиш“, вели Рајан Шип кој беше тренер-играч.
Откако на Фејсбук ги виделе нивните маки, навивачите почнале да пристигнуваат со шатори и вреќи за спиење, а од целиот настан се претпоставува дека собрале меѓу 20 и 25.000 фунти.