Ќе садиме зачини и зеленчук по дома?

Што ти треба? Ти треба волја и ти треба посветеност како за одржување на кое било саксиско цвеќе.

Сите опции што ќе ги видите се димензионирани за садење во саксија, жардињера или приближно сличен сад. Значи без двор.

Каков сад и да избереш најважно е да има дупки на дното за цедење на водата за да не ти скапуваат корењата (не е обавезно, ама фино е долните 2-3 сантиметри од саксијата да ги наполниш со покрупни камења, за подобра дренажа).

Целата операција може да ти успее и само со земја. Плодот ќе биде послаб, ама ќе ти успее. Оптимално е да направи микс од обична земја, пакувана земја за саксиско цвеќе и природно ѓубриво (пример компост или хумус).

Соодносот што го предлага Рефика е 75% обична земја, 12,5% саксиска земја и 12,5% компост (или во поопшти мерки: едно канче саксиска земја, едно компост и шест обична земја). Од друга страна баштованџии кои користат метод без копање и превртување земја, садат во 100 проценти компост. Па дозволено ви е играње со соодносот.

Кој сооднос и да изберете, после мешање немој да ја набивате земјата, самата ќе си ја заврши таа работа.

Стандардно, „гејтвеј“ зачините што ќе ве вовлечат во домашно градинарство се босилек, рузмарин и нане. Расадот за двете можете да го набавите во саксија од пазар или да го купиш како свеж зачин од пиљара / маркет и да го ставиш десетина дена на сонце во чаша со вода и да почекаш да му излезат корени. Кога ќе излезат корени само го пресадуваш во поголем сад во кој ќе го чуваш.

Рефика има и за останати зачини и зеленчук ако ви се тргнува по тој пат.

 

7 април 2022 - 17:27