
Но што всушност значи да изгледаме средено? И зошто тоа толку силно влијае врз начинот на кој другите нè доживуваат, но и врз начинот на кој самите се чувствуваме?
Психологијата укажува на тоа дека првиот впечаток се создава многу брзо. Пред да се сретнеме со нечиј карактер, мозокот веќе собира информации од изгледот, држењето на телото, изразот на лицето и начинот на кој некој се движи. Тоа не значи дека изгледот ја одредува вредноста на човекот, колку што значи дека човечкиот мозок природно бара визуелни сигнали за да го разбере светот околу себе.
„Средениот изглед“ често се поврзува со особини како дисциплина, сигурност и компетентност. Уредна коса, облека што добро ни стои, чисти чевли или внимателно избрани детали можат да испратат порака: „се грижам за себе и обрнувам внимание на деталите“. Интересно е што овој ефект не влијае само врз другите, туку и врз нас самите. Психологијата го проучува феноменот наречен „облекување според состојбата“ - начинот на кој она што го носиме може да влијае врз нашето расположение и однесување. Кога се чувствуваме добро во сопствената кожа, често имаме повеќе самодоверба и полесно преземаме иницијатива.
Тоа е една од причините зошто некои луѓе се шминкаат или избираат одредена облека и кога немаат посебен повод. Не станува збор само за тоа како изгледаат пред другите, туку за мал ритуал што им помага да влезат во одредена ментална состојба.
Сепак, постои и друга страна: Современиот свет, особено преку социјалните мрежи, создава нереална слика за постојана совршеност. Фотографиите со филтри, внимателно избраните моменти и идеализираните животи можат да создадат чувство дека секогаш мора да изгледаме беспрекорно, што пак притиска и, како што досега научивме - ги влошува психолошките состојби.
И на крај, тоа што важи за (општествено прифатливо) „средено“, за некои луѓе е одбивно. Пробајте на готичар да му објасните дека треба да облече тегет одело, или на уметник со коса до газ дека треба да изгледа како банкар.
Естетиката е лична работа. Но, сепак, поминати се години во социјална условеност - и без разлика на личната естетика, научени сме да реагираме на среденост.
Што се однесува до личното чувство - правете како ви е вам арно.