На сликите, Сара Џесика Паркер снима сцена во грд, боемски фустан, натнат преку сина кошула. И не е фустанот и комбинацијата проблем, колку што луѓето реагираат на брендот на фустанот: Еден Инстаграм-профил што ја документира гардеробата во серијата, го најде фустанот во Форевер 21, бренд за брза мода што го имаше по молови по свет и за чиј подем и пад пишувавме овде. Покрај него, има и светкави штикли Тери де Хавиленд и ташна од соработката на Гучи и Баленсијага.
Без разлика што поевтино парче не е проблем, фановите на серијата сега се тепаат на Твитер околу идејата дека Кери Бредшо никогаш не би стапнала во Ф21.
Делумно, оваа „стилска еволуција“ може да се должи на фактот што оригиналната костимографка, Патриша Филд, не можела да учествува во спремањето на сезоната поради друг ангажман.
„Главната причина е конфликт со време,“ рече таа во изјава за WWD. „Не можев да бидам и во Њујорк за ова и во Париз за ‘Емили во Париз‘. Но, им реков дека можат да ја побараат мојата драга пријателка Моли Роџерс, која исто така работеше со мене на времето. Со мене беше на ‘Сексот и градот‘ од почеток до крај. Добро ја познаваше серијата, па таа ќе работи. Јас не можев да стигнам.“