Зошто е важно ќерките да гледаат дека татковците работат по дома

Не само што сме Балканци, туку и упорно креираме нови Балканци со нашето однесување дома. За поздрав се паровите што уредно си ги делат обврските и такви се за среќа сè повеќе и повеќе, но за жал, сè уште има (современи и тоа) родители каде што важи дека мајката оди на работа (јеби га, 21-ви век) И работи по дома, а таткото оди на работа и после тоа е уморен. Се знаете кои сте.

Сепак, едно недамнешно истражување покажува дека мажи и жени на возраст меѓу 18 и 32 години, со различни видови образование и различни приходи, главно веруваат во еднаквост кога се работи за родовите улоги. Сепак, во контекст на семејство, знаат да завлечат кон традиционалното.

Пред овие наоди, една канадска студија ја истражувала врската меѓу родовите улоги кои ги имаат родителите дома и професионалните аспирации на децата. Се открило дека, „Експлицитното убедување на мајките за родовите улоги предвидува дека истото ќе го има и кај децата.” Она што студијата го открива е дека девојчињата чии татковци прифаќале еднаков дел од домашните обврски (перење, пеглање, чистење, ручек), изразиле поголем интерес да работат надвор од дома. Според податоците, девојчињата биле помалку мотивирани од нивните, инаку доста успешни мајки, доколку главно тие ги бркале домашните обврски.

Психотерапевтката Лиса Арнон вели:

„Мислам дека е од големо значење за девојчињата (и машките) да гледаат како татковците работат и „женски работи” и во домот и надвор од него. Чистењето би било да речеме „најженска” работа, па мислам дека идејата да се гледа таткото како чисти ги предизвикува нормите и очекувањата во секој контекст: статус, моќ, компетентност и достапност - сето ова се прераспределува кога домашните обврски се делат еднакво меѓу членовите на семејството.”

Истата канадска студија вели и дека „Наодите сугерираат дека побалансирано делење на трудот по дома меѓу родителите може да ја унапреди и еднаквоста на работно место за идните генерации.”

Охрабрувачка е идејата дека би бил толку силен ефектот од едно вакво едноставно решение. Нашите деца би биле подобри цимери еден ден. Со тоа што виделе како и двајцата родители придонесуваат во домаќинството, ќе имаат и поголем капацитет како партнери во иднина. И ако да го види татко ѝ како брише под ја направи ќерката похрабра во остварување на своите соништа 20 години подоцна, тогаш поарно нека се фати за џогер.

И онака секако треба тоа да го прави, додека мајката прави нешто друго по дома.

18 јуни 2018 - 14:40