Темата е доста деликатна и има многу поделени мислења. Хафпост се обидува да ја отслика ситуацијата со пример - родител на дете од година ипол на Редит споделува ситуација - биле во игротека, во делот за бебиња и таму имало уште едно четиригодишно дете.
„Син ми имаше две мали топчиња во рака. Детето дојде, му зема едно и го фрли. Го спречив, но не реков ништо кога сакаше да му го земе и другото.
На син ми му го вратив топчето. После некое време детето повторно му пријде на син ми и повторно сакаше да го направи истото, но му ја задржав раката и му реков, ‘Или играј си убаво, или остави го на мир, не е убаво да им грабаш на луѓето од раце.‘ Детето се потресе и си отиде.“
Мајката на другото дете била блиску и видела што се случува.
„Ме праша што му реков и кажав. И реков, ‘научи го син ти дека не е пристојно да им граба на другите од рака затоа што јас тоа не го толерирам.‘
Почна расправија. Рече дека не треба да му се обраќам на син ѝ. Јас реков дека немаше ни да му се обратам да не ни пречеше и дека не ни треба да биде во делот за бебиња кога не е ни на таа возраст. Таа си го зема детето и напушти.“
Што ќе кажат експертите на ова? На барање од ХафПост, Холи Зоколан, експерт за родителство и основач на апликацијата Керол кажува мислење на тема дали е во ред да скараш туѓо дете.
„Во основа не, освен ако детето не направило нешто што го вознемирило твоето дете, на пример да го бутне, да му земе играчка, или да го удри. Во други случаи, мислам дека е неприкладно да се интервенира. Оставете го тоа на родителите, бидејќи сите имаме различен пристап кон дисциплинирање.“
Ако на пример, чувате туѓо дете заедно со вашето и тоа дете го бутне вашето дете, предлогот е нежно да се искара, со објаснување зошто се кара и зошто не треба така да се прави.
„Но, во парк или друга јавна ситуација, најдобро е да се остави на родителот,“ додава таа.
Лора Алба е тренер за родителство и мајндсет, дел од апликацијата Пинат и има три деца. И таа смета дека родителите треба да се остават да дисциплинираат.
„Сепак,“ вели таа, „ако забележите дека некое дете се однесува невоспитано, не се игнорира. Има начини на кои може да реагираш во ситуации со љубезно прашување што е проблемот или дали можеш да помогнеш.“
Согласни се дека постојат дипломатски начини да се интервенира (ако сакаш), наместо да збеснеш и да почнеш да викаш по непознато дете.
„Предлагам да се каже нешто на детето во присуство на неговиот родител, од типот, ‘ние се трудиме да не грабаме од рака кај нас дома‘ или ‘ние го учиме нашето да дели, па ова го вознемири‘,“ вели Зоколан.
Ако вие како родител забележите дека некој ви го кара детето, експертите велат дека е најдобро да се вмешате и да прашате што се случило.
„Клучно е да се комуницира,“ завршува Зоколан. „Јас би зборувала со другиот родител за да ја разберам ситуацијата, па сама би се справила.“