Прво беше пионер на панк-модата во ‘70-те, па го воведе „романтично шик“ во ‘80-те, со обновување на корсети и чевли на платформа, за во ‘90-те да нема веќе човек што не ѝ го знае името. Беше еколошки активист, имаше освоено еден куп награди и беше тема на книги, изложби и документарци. Безброј студенти по мода ја цитираат со задоволство, а до последните месеци, како да не покажуваше никаков знак дека планира да се откаже.
Како Вивиен ни го оформуваше вкусот?
1971:
Од оваа година Вивиен и Малколм Мекларен почнаа да експериментираат со продажба во нивниот бутик на 430 Кингс Роуд во Челзи. Првиот експеримент се викаше Let it Rock, а беше играње со носталгија за поп-културата, со специјално преработени и оригинални рокенрол парчиња од ‘50-те, изложени меѓу мебел, плочи и списанија од истата деценија.
1989:
Таа година Вествуд ги вади сите од памет кога вади фотографија преправена во Маргарет Тачер на насловната на Татлер. Дрската слика се појавува и на огромни промотивни билборди за лондонската модна недела.
„Маргарет Тачер беше лицемер. Тоа си го ставив во глава,“ ќе се потсети подоцна Вествуд во нејзините мемоари. „Си реков, ене дете во болнички кревет, а еве телевизиска камера. Ќе му покажам на светот колку ми е важно.“
2014:
Вивиен никогаш не падна во стапицата на очајнички обиди да се остане млад, за разлика од многу други славни личности. За неа не беше ни ботокс, ни филтер.
„Животот станува побогат како што старееш,“ изјави за Индепендент во 2002. „Ми се допаѓа процесот на стареење и немам проблем со тоа.“
И без разлика на возраста, разбираше како да ја користи нејзината бунтовничка жичка, плус славата и имиџот за да генерира публицитет за каузите што ѝ беа важни. Отсекогаш имаше долга коса, фарбана црвена, но ја ишиша цела во 2014, за „сите да се разбудиме околу климатските промени“. Истовремено, беше многу видлив начин да покаже дека е сосема мирна со фактот што е баба.
Вивиен Вествуд се одјави на 29 декември, 2022, ни остави моден свет кој, да не беше таа, ќе беше крајно подосаден и нè пушти на милост и немилост на некои нови. Па, ќе видиме.