Вистинските освестувања во животот не се како на филм - хаос се

„Сакам будење како на филм.”

Она кога протагонистот ќе ја искуси таа квантна промена со елеганција и грациозност, па нè води нас како публика во една прекрасна монтажа (со јака музика) низ сите начини на кој животот сега ќе му се подобри.

Добива неверојатна работа откако ќе прати биографија на две-три места, ќе отиде до кафич каде што ќе добие телефонски број од сродната душа, се сели од ќумез во некое станиште јако што сега магично може да си го дозволи, се смирува со ужасниот родител и се дружи со него, и сè ова во рамки на неколку недели. И откако ќе заврши оваа монтажа, го гледаме протагонистот како блажено гледа на раскрсницата што го довела до оваа нова, фантастична етапа во животот, додека се смешка и цуца коктел.

Како па да не.

Вистинските освестувања не се вакви. Далеку се од ова. Нема монтажа, нема музика, нема скратен пат до следната сцена во која сме одеднаш среќни, во мир со себе или заљубени. Не можеме да го лажираме тоа. Не можеме да ја прескокнеме средината.

Кај вистинските будења има многу плачење. Еден тон конфузија и сомнеж и прашања и шокови. Има продлабочена социјализација и условеност што излегува на површина, што нè остава со прашање што уствари ние сега сакаме/знаеме/веруваме/чувствуваме во моментот. Ја има таа хаотична средина и она чувство на преплашеност во сред ноќ околу таа една ствар што мислиш дека си ја решил кај себе - ама еве ја пак. Па, прашањето дали некој друг проаѓа низ истото, и ако е така, зошто ништо не кажува?!

Будењето ти прави чувство како да ти се крши срцето и ти се спојува пак во исто време. Како сите делови од тебе да се во војна и те канат да се придружиш. Како да си фатен меѓу личноста која сакаш да си и личноста која што си сега (и која е ужас). Една минута сме превиткани, а друга сме како на облак. А некогаш е едноставно б а в н о.

И тогаш, во сред будење, се случува нешто. Блиц од нова перспектива што го превртува светот наопаку, бран на љубов што нè остава без воздух - некој ни кажува дека сме битни, или стара рана конечно заздравува. Нешто се ослободува и нешто се предава. Има едно омекнување на место што порано било цврсто. Има моменти што ти изгледаат како да те поклопил тон цигли, па како да те бутнал еден обичен пердув.

Освестувањето нè отвара. Го вади целото гадно, срамно, тајно, сите соништа што не добиле глас, сите односи што нè заробиле, сите зборови што не сме ги кажале. Освестувањето е огледало од кое не можеме да тргнеме поглед, дури и кога сме најгадни. Нè принудува да бидеме реални, искрени и транспарентни.

Бара од нас да одиме на следното ниво.

И не доаѓа кај секого. Оди кај тие што се доволно силни да го примат ударот. Будењата не се заебаваат, затоа што имаат мисија: да ни помогнат да пристигнеме, и тоа на најдлабокото ниво на љубов и сочувство, до бескрајната внатрешна мудрост. Да пристигнеме на раскрсница на прифаќање себеси и сакање други, каде што комплетно веруваме во тоа што сме и каде сме.

А кога ќе пристигнеме таму, сме прочистени, благословени и подготвени. Разбираме дека тие темници што ги прошла душата биле отвор за сировата вистина да излезе надвор. И сфаќаме дека болката сега станала учител.

Вистината за тоа кои сме не е за тоа колку добро можеме да се вклопиме во светот во кој викаме дека смееме да бидеме. Вистината за себе ја дознаваме кога ќе престанеме да се помируваме, да измислуваме изговори, да се лажеме дека сме задоволни кога не сме. Кога ќе престанеме да веруваме дека сите прекрасни искуства во животот се резервирани за некои други.

Будењата ни дозволуваат да ги согледаме сите начини на кои се држиме себеси - мали. Сите начини на кои се обидуваме да се вклопиме во туѓите правила, ограничувања и уверувања. Сите начини на кои сме се одбивале себеси и не сме ја славеле сопствената мудрост.

Се менуваме кога сфаќаме дека мора да постои друг начин. Кога нашата внатрешна вистина е толку гласна што немаме веќе изговори и ништо не може да не натера да „намалиме малку.”

-Елизабет Гордон, Elephant Journal

24 јуни 2019 - 14:26